Смилев: Позади „техногена“ се крие тивок убиец на Велешани
- Интервју со Игор Смилев – Советник од Левица во Општина Велес и долгогодишен активист во Грин палер, организација која се бореше за затворањето на топилницата во Велес
Антропол: Депонијата со згура на Топилница сѐ уште предизвикува бурни реакции кај екологистите. Зошто е тоа така и колку жителите на Велес треба да бидат загрижени?
Смилев: Депонијата за згура или троска, после ОХИС е втора по тежина жешка точка во Македонија. Тоа е депонија во која освен тешките метали е собрана сета црна и тешка судбина на велешани. Тоа е црниот флорет кој беше закачен над секој трет стан или куќа во Велес како симбол на смртта и на изгубената надеж. Тоа е сенката на злото која како сфинга се уште заканувачки остана надвисната над Велес. Некој, деновиве, сака да ги разбуди заспаните сенки на минатото, и токму тој повторен обид за средба со мрачното еколошко минато длабоко ја вознемири јавноста во Велес.
Велешани најмногу треба да бидат загрижени од еколошката недоветност и несозреаност на градоначаникот Марко Колев, кој е мастер експерт за ставање потписи на погрешно место, во погрешно време и на погрешен начин. Тој е сé уште еколошки нематуриран за носење на сериозни одлуки. Треба да бидеме загрижени од немањето локален еколошки инспектор која е витална функција за борба против еколошкиот криминал и загадување. Функција која градоначаникот Колев одбива да ја назначи од само нему познати причини. Велешани треба да бидат загрижени и од анемичното одделение за животна средина во општина Велес кое сѐ уште е кревко и полуфункционално.
Ова свето тројство треба да биде своевиден браник на Велес, а тоа го немаме. И нормално е дека сме загрижени, не само за овој потенцијален еколошки проблем со троската, туку за целокупната еколошка иднина на Велес.
Антропол: Компанијата „Кепс монт груп” како концесионер во 2019 година доби Б – интегрирана дозвола од општина Велес за ископување на троската која важеше четири години, односно до октомври 2023 година, а од 2021 бараше и проширување на дозволата со цел да воведе нова технолошка линија за сепарација на таканаречената „техногена” суровина. Во која мера компанијата си ги заврши своите обврски?
Смилев:Точно. Со симпатии гледавме на „Кепс монт груп” во 2019 година кога помпезно излезе со мастер планот кој предвидуваше транспорт, односно дислоцирање на целата троска од околу два милиони тони кон трети земји, особено во Малезија. Всушност, недостасуваше само цвеќе со леб и сол, па буквално да ги пречекаме како ослободители. Сепак, после изминати четири години се удавивме во поплавата на лажната надеж. Полковникот на „Кепс монт груп” стана покојник. За четири години, од 2019 до 2023 година успеа да отстрани смешни 0.025 % од целокупната троска што предизвика нула отсто надеж кај велешани дека оваа жешка точка ќе биде решена.
Башка, од четиригодишната работа на оваа српско-македонска компанија, Министерството за економија како надоместок од експлоатацијата на троската имаше финансиски бенефит од „неверојатни” 13.000 денари за целокупниот период на работа. Терминот техногена минерална суровина е измислица на државата и на Министерството за економија и затоа ајде да ја наречеме со вистинскиот речник – тоа е отпад од индустриски процес депониран на депонија која е историска жешка точка и која има тешки метали во својот состав.
Наречена е техногена суровина за да ни звучи убаво, европски, модерно, полетно и безгрижно, и за да можеме во такви зони слободно да преработуваме и експлоатираме суровини без предзнак Г1 – тешка индустрија, во која по член 20 од новиот ревидиран Закон за животна средина, се забранети било какви активности во Г1 зона до 5 км оддалеченост од населено место. А, трсоката во Велес е оддалечена најмногу 250 воздушни метри од првиот станбен комплекс.
Антропол: Истата компанија, на 15 ноември побара нова „Б” интегрирана еко дозвола за работа во следните четири години. Дали тоа време е доволно за да се реши проблемот со згурата?
Смилев: Со новата дозвола компанијата освен ископ, сеење и утовар, бара проширување на дејноста со нови операции на дробење и мелење на троската. Или, најпластично кажано, ако во претходните четири години доби дозвола само за транспорт, сега бара дозвола за работа на лице место. Со тоа целокупниот процес на обработка на троската ќе се одвива на популарно наречениот Црн рид над Топилницата а, голем дел од станарите на соседните згради ќе уживаат во прекрасната и несекојдневна глетка, дишејќи канцероген воздух. Простете ми на сарказмот, но сарказмот е единственото професионално оружје за борба против глупоста и нелогичноста.
Добивањето на Б дозвола на истата компанија, која претходно не направила НИШТО, ќе биде награда за неспособноста и славење на НИШТОТО за кое станавме експерти. Всушност и на вчерашната јавна расправа, од компанијата посочија дека ќе бидат потребни осум или повеќе години за троската да биде исчистена. Апсолутно не сме против зелени инвестиции, и со симпатии гледам кон „Кепс монт груп”, но само во зрела држава. Нашата е трула, а особено скапана во еколошките институционални творби и утроби. Гнилоста кај нас, за жал е заразна и пандемична. Се пренесува од човек на човек, од фирма на фирма, од институција на фирма и се претвора ве перпетум мобиле – нешто кое вечно трае.
Антропол: Јавната расправа се одржа на 25 декември, во работно време, на 10 км оддалеченост од градот, на последниот ден од истекот на законскиот рок. Дали може да се каже дека постоеше јавност и каков исход може да очекуваме? Дали градоначалникот на Велес има слух за граѓаните и експертите?
Смилев: Јавната расправа беше иницирана и побарана од советничката група на Левица како последен обид на разумен и хуман начин да се надмине новата ситуација. Преку разговор и аргументи и доброто и лошото полесно се поднесува. Зависи од која страна на диоптерот се наоѓате. Сепак, од самиот почеток, се соочивме со непринципиелност од страна на инвеститорот кој беше должен, согласно закон, расправата да ја реализира на сопствен трошок. Иако, самиот одбира каде да се одржи , тој одлучи (неџентлменски) јавната расправа да биде во хотел оддалечен 10 км од Велес во работно време во 13 часот. Објективно, доста граѓани поради ова беа спречени да дојдат, и затоа кај дел од нас се јави црвот на сомнежот, кој и онака никогаш не успеавме да го умртвиме, дека ваквиот начин на организирање јавна расправа е само начин да се умртви јавноста.
Но, тоа не беше главна вест од јавната расправа. Најважно е што градоначалникот на Велес, Марко Колев, не дојде да ги ислуша граѓаните, универзитетските професори, помал дел од советниците, поранешен градоначаник, експертите по индустриско загадување, новинарите, и на крајот на краиштата да ги ислуша и плановите на инвеститорот. А, истиот тој градоначаник утре треба да стави потпис на нешто кое треба да биде светла или темна иднина за Велес. Барем да смогнеше сила и време и да се соочеше и со светлите и со мрачните аргументи, па потоа да донесеше одлука. Ама зошто да биде просто, кога може да биде сложено.
Вака, лавиринтот на сервирани полуинформации и убавата бизнис приказна ќе го сомелат и она најмало еколошко зрно содржано во него, ќе го претворат во прав и повторно ќе стави погрешен потпис, на погрешно место, во погрешно време и ќе премине на погрешната страна на историјата. Дај боже да грешам и копнеам да погрешам во проценките!
Антропол: Кои се вашите очекувања за работата на институциите во иднина? На кои очекувања е заснована вашата борба?
Смилев: Очекувам нафта за воз да имам утре, очекувам повеќе пристапни рампи за лица со посебни потреби, очекувам вистинска светлина во мојот град, очекувам да проработи туристичкото биро во Велес, очекувам култура во екологијата и екологија во културата, очекувам програмата за животна средина во општина Велес да биде минимум 10 милиони денари, очекувам Велес да добие локален еколошки инспектор, очекувам мерни станици, очекувам наместо 56 мониторирани денови за квалитет на амбиентален воздух минимум 100.
Очекувам трансформација на градоначалникот и негова метаморфоза во бескрупулозен почитувач на законите за урбанистичко планирање, животна средина, јавно зеленило, очекувам да изработи план за квалитет на амбиенталниот воздух кој задолжително требаше да се изготви минатата година. Очекувам никогаш повеќе да не потпишува дозволи за градење без изготвен елаборат за животна средина. Очекувам на местото на урнатиот стар театар никогаш да не се изгради зграда. Очекувам да престане бетонизацијата на езерото Младост. Очекувам и 20-те електрични велосипеди конечно да почнат да се возат.
Очекувам за 6 до 7 години „Кепс монт груп” да ја исчисти троската, а јас да им се извинам за мојата намќорска скепса. Очекувам помалку цвеќиња за хортикултурно уредување (или како што велат цвеќиња за прочистување на воздухот), а повеќе реални пошумувања. Очекувам градоначаникот повеќе да го следи јавниот интерес, отколку бизнис интересите.Очекувам Државниот еколошки инспекторат да има барем по 10 000 евра годишно за вршење вонредни иснпекциски надзори и да не моли за возила од газдите на фирмите каде што треба да се оди во инспекциски надзор.
Знам, премногу очекувам. И морам да се приземјам со очекувањата. Реално ја очекувам мерката ВЕТЕР да го исчисти воздухот, оти само на неа и верувам и таа најверојтно ќе се исполни и е единствена која нема да ги изневери моите очекувања.