Руско-арапски форум: Итно да се свика мировна конференција за Палестина
Учесниците на шестата сесија на Руско-арапскиот форум за соработка во Маракеш повикаа итно да се свика меѓународна мировна конференција за палестинското прашање.
„Министрите повикуваат да се свика меѓународна мировна конференција што е можно поскоро. На конференцијата би започнал кредибилен мировен процес заснован на меѓународното право“, се вели во заедничката декларација.
Во декларацијата Русија и арапските нации го осудија „тероризмот во сите форми и манифестации, потврдувајќи дека сите терористички акти се криминални“ и се согласија дека имаат намера да ги засилат напорите во борбата против тероризмот и екстремизмот.
„Министрите за надворешни работи на земјите учеснички се согласија да ги зајакнат напорите во борбата против тероризмот и екстремизмот, да го спречат и потиснат ширењето на терористички и екстремистички идеологии, поттикнување тероризам, како и регрутирање, финансирање и други форми на поддршка за терористички активности“, се наведува во декларацијата.
Учесниците на форумот се согласија да дадат секаков вид поддршка на напорите на арапските земји во борбата против тероризмот и да помогнат во нивната обнова поради штетите предизвикани од терористичките активности, како и да ја зајакнат руско-арапската соработка со цел борба против тероризмот и екстремизмот на меѓународно и регионално ниво.
На овој собир беше истакнато значењето на соработката меѓу арапските земји и Исламската Република Иран за принципите на добрососедство, немешање во внатрешните работи, почитување на принципите на независност и суверенитет на државите.
На средбата во Маракеш присуствуваа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, како и шефовите на дипломатиите на Мароко, Палестина, Јемен, Бахреин, Судан, Либан, Мавританија и Египет.