АктуелноЛокално

100 години од раѓањето на Ацо Шопов

Ацо Шопов е роден на денешен ден, 20 декември 1923 во Штип. Тој е еден од основоположниците на современата македонска поезија кој се вбројува во редот на најеминентните поети на југо-источна Европа во 20. век.

Основно и средно образование завршил во родниот град, а Филозофски факултет во Скопје.

Учесник е во НОБ и носител на Партизанска споменица 1941, како и на повеќе одликувања. Од 1940 г., бил младински раководител и еден од уредниците на партизанската публикација Огин, орган на Третата македонска ударна бригада. Бил член на ЦК СКМ, а подоцна и сојузен пратеник.

Како младинец, Ацо Шопов бил уредник во списанијата Иднина, Нов ден, Млад борец и Хоризонт. Подоцна бил именуван за главен уредник на Современост и на сатиричниот неделник Остен.

Прв директор на книгооиздателството ,,Кочо Рацин“ (подоцна преименувано во „Македонска книга“), Ацо Шопов го посветил поголемниот дел од работниот живот на издавачката дејност. Бил исто така амбасадор на СФР Југославија во Сенегал, а кариерата ја завршил како Претседател на републичката комисија за културни врски со странство.

Прв претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата,а претстедавал во неколку наврати и со Друштвото на писателите на Македонија. Бил исто така претседател на Координациониот одбор на Сојузот на писателите на Југославија, како и претседател на Сојузот на преведувачите на Југославија.

Почнувајќи од неговата прва збирка, Песни, којашто е едновремено и првата книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија, во 1944 год., па сè до последната, Дрво на ридот, објавена во 1980 год., Ацо Шопов ги изгради темелите на една решително современа поезија којашто се потпира на родната Македонија со единствена цел да ја внесе во катастарот на светот. Неговата поезија успева да ги соедини, во едно исто интимно искуство, личните доживувања на поетот и судбината на човештвото.

Добитник е на највисокото југословенско признание, наградата „АВНОЈ“ (1970 г.), како и на низа литературни награди меѓу кои и „Браќа Миладиновци”, за збирката Песна на црната жена (1977 г.).

Негови збирки поезија се препеани на дваесетина јазици, а преведуван е и во многу светски антологии и избори. Тој самиот е преведувач и препејувач на многу дела од светската класика.

На 18 август 1967 година е избран за еден од првите редовни членови на Македонската академија на науките и уметностите, а во 1968 година, за дописен член на Српската академија на науките и уметностите. Починал на 20 април 1982 година.

Ако носиш нешто неизречено,

нешто што те притиска и пече,

закопај го во длабока тишина,

тишината сама ќе го рече.

(Од збирката „Слеј се со тишината“ 1956)