Трајковски: Цената за приватизацијата на Чебрен народот ќе ја плати за седум години
- Анализа на професорот од Техничкиот факултет во Битола – Дејан Трајковски
На тендерот на ЕВН-Хоум за набавка на електрична енергија за домаќинствата и малите бизниси единствената понуда дојде од државниот ЕСМ. Никој друг не нуди по толку ниска цена. Но, дури ни таа понуда не задоволува 100% од потребите, а згора на сé, цената нема повеќе да биде 53 евра/MWh, туку 57 евра/MWh. Нормално, увезениот јаглен не е евтин како домашниот, а треба да се плати и за мазутот за поддржување на горењето. За давањето бизниси на приватници околу јагленот да не зборуваме.
Дали населението е свесно што ќе ни се случи по 7 години, кога целосно ќе останеме без термоелектраните на јаглен, со неизградена гасна електрана, иако цената на нејзината енергија нема да биде 57 евра/MWh, туку најмалку 130 евра/MWh? Со државни фотонапонски електрани со инсталирана моќност од само 10 MW во Осломеј и 20 MW во РЕК Битола, чие годишно производство ќе изнесува одвај 45 GWh, што е капка во морето од нашите годишни потреби од 6200 GWh, ќе останеме само со нецели 1000 GWh од хидроелектраните, односно одвај 15% од потребите. Всушност, нашите потреби се уште поголеми, односно околу 7700 GWh/год., со оглед на загубите во преносот и дистрибуцијата, како и потрошувачката на самиот енергетски сектор (на Сенкиевиот дијаграм на сликата). Практично сите наши хидроелектрани не успеваат сосема да ги покријат целосно ни само загубите во преносот.
Каде ќе биде тогаш нашиот денешен премиер да ни каже дека „од увозници сме станале извозници на електрична енергија“? Ние ништо не сме станале, станале приватниците со нивните фотонапонски централи, кои тука дошле заради евтиното земјоделско земјиште што засекогаш го упропастиле. Не дај боже да мораме да ја купуваме нивната електрична енергија на берза, чија цена навечер, вклучувајќи ја цената за складирање во литиум-јонски батерии нема да биде под 100 евра/MWh.
Нема да ја имаме ни реверзибилната ХЕ „Чебрен“ за евтино складирање на државното производство од фотонапонски електрани, а штеточините намераваат да ја прокоцкаат и ХЕ „Тиквеш“, односно кусокот од 150 GWh/год. евтина енергија што ќе ни се појави ќе мораме да го надоместуваме со најмалку двојно поскапа енергија од увоз. Само Грците задоволно ќе тријат раце и ќе печалат од нашите хидроелектрани, башка што ќе можат да нé уценуваат со нашата вода на наша територија.
Дали има подобар пример за оштетување на јавниот интерес? Инаку, според меѓународната дефиниција на корупцијата секое оштетување на јавниот интерес претставува корупција, дури и ако немало мито.
Уште еднаш: дали населението е свесно што ќе ни се случи по 7 години кога ЕСМ нема повеќе да биде во состојба да понуди евтина електрична енергија од домашните термоелектрани и кога снабдувањето ќе биде целосно либерализирано? Нека продолжи мирно да спие и да гледа како се раскрчмува Чебрен, па да види што ќе го снајде. Ова е само почеток. Ако државата не започне веднаш да гради електрани, црно ни се пишува.
======================
На сликата: Сенкиев дијаграм за енергетскиот биланс на Македонија во 2020 година. Извор: Државен завод за статистика.