Претседателот на Тунис: Израел врши масакри и воени злосторства над палестинскиот народ
Претседателот на Тунис, Каис Саид, ги осуди израелските напади врз блокираниот Појас Газа, опишувајќи ги како „масакр“, пренесува Анадолу.
Претседателот Саид објави видеопорака во која истакна дека Советот за национална безбедност на земјата имал вонреден состанок по масакрот предизвикан од израелскиот напад на баптистичката болница „Ал-Ахли“ во Газа.
Тој истакна дека меѓународната заедница молчи за сѐ она што се случува во Палестина.
„Секој ден се вршат масакри и воени злосторства над палестинскиот народ. Меѓународната заедница и светот се сведоци на злосторства, масакри, масовно уништување и раселување што Израел ги врши врз палестинскиот народ“, истакна Саид.
Претседателот на Тунис нагласи дека израелските напади ја повредуваат совеста на целото човештво.
Повеќе од 500 луѓе се убиени во израелските воздушни напади на баптистичката болница „Ал-Ахли“ во Газа синоќа, соопшти портпаролот на палестинското Министерство за здравство, Ашраф ал-Кудра, за Анадолу. Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат трупови расфрлани во дворот на болницата.