Фон дер Лејен го поддржува Израел и покрај очигледните воени злосторства
За време на посетата претседателката на Европската комисија – Фон дер Лајен изрази безрезервна поддршка за Израел во име на Европската унија. Сега таа е под критики од претставници и дипломати бидејќи не зборуваше за хуманитарните последици од одмаздничките напади на Израел врз Хамас во Газа, во кои животот го загубија најмалку 2.450 Палестинци.
„Таа само рече дека Израел има право да се брани, точка. Тоа не е линија за која се договорија земјите-членки“, изјави дипломат од ЕУ, кој зборуваше за Политико под услов да остане анонимен.
Европските министри за надворешни работи ги осудија нападите на Хамас, но повикаа и на заштита на цивилите и воздржаност, ослободување на заложниците и давање пристап до храна, вода и лекови во Газа, во согласност со меѓународното хуманитарно право.
Зборувајќи во петокот заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Фон дер Лејен кажа дека Израел има право да се брани. Откако го призна страдањето на невините Палестинци, таа додаде: „Знам дека израелскиот одговор ќе ни покаже дека тоа е демократија“. Но, наместо одбрана на земјата, Израел овие неколку дена, по укажаната поддршка од одредени претставници на ЕУ и целосна поддршка од САД, спроведе воена операција, која по сите параметри може да се оцени како воено злосторство.