АктуелноЛокалноСтав

Пензионерите заслужуваат достоинствени пензии

Пишува: Катерина Јовановска – координатор на Сектор Социјала при Политичката Партија Левица

Се уште сум под импресии од вчерашниот, најмасовен досега протест на пензионерите од осамостојувањето на Македонија, на кој што и лично присуствував, со цел да дадам подршка во нивната борба за социјална правда.

Кога нашите сограѓани од третотото доба, ќе се одлучат да одржат протест, во еден од најтоплите месеци во годината и тоа во најтоплиот период од денот, тоа може да значи само едно  – а тоа е дека, сигурно мора да има оправдана причина за тоа.

Наоружани со капи и очила против немислосрдното сонце, но со посебен сјај во очите дека конечно се сложни, дека повеќе нема да молчат пред неправдата, дека конечно се спремни и дека ниту временските услови, ниту хроничните болести, нема да им застанат на патот, да си го побараат тоа што заслужено им  следува – достоинствена старост.

Пензионерите од цела Македонија ги обедини борбата за социјална правда и правото на достоинствена старост.

Иако, надлежното министерство минатата година донесе Методологија за усогласување на пензиите со која пензионерите ќе добиваат зголемување на пензиите два пати годишно, во март и септември, сепак, наместо задоволство, кај пензионерите се јави револт и незадоволство.

Причини за незадоволството на пензионерите има повеќе, но ќе се задржам на најсуштинските.

Со оваа Методологија е предвидено исто процентуално зголемувањето на пензиите за сите пензионери подеднакво, односно сите ќе добијат зголемување од 6,8 % со што зголемувањето не пензијата ќе зависи од висината на самата пензија, односно оние со најголеми пензии ќе добијат најголемо зголемување на пензиите, додека оние со најмали пензии ќе добијат најмало зголемување, со што се зголемува  финансискиот јаз помеѓу пензинерите.

Енормното зголемување на цените на прехрамбените продукти, високата цена на лековите, како и оскудната и со години неревидирана листа на лекови на позитивната листа, придонесува повеќето пензионери повеќе од половина пензија да ја трошат само за лекови и основна прехрана, со што практично најголемиот бриј на пензионери  речиси и дека нема  да го почуствуваат зголемувањето на пензијата.

Во услови кога платите на функционерите се зголемија за 78%, зголемувањето на пензијата од 720 денари, колку што добиваат пензионерите со најниска пензија, е понижувачко и крајно револтирачко.

Ниту отсуството на подршка, од оние кои би требало да бидат први во борбата за правата на пензионерите, Партијата на пензионерите и Сојузот на пензионерите, ниту обидите на нивните претседатели  за релативизирање на состојбата, не успеаа да го разединат  единството на пензионерите, кои останаа доследни да го кренат својот глас против лицемерието и двојните аршини на власта и да побараат утврдување на минимална пензија од 20.000 денари и линерано зголемување на пензиите од 3.500 денари на сите пензионери подеднакво.

Во услови на енормно зголемување на цените на прехрамбените продукти, како и  сметките за тековни трошоци, барањата на пензионерите се повеќе од реални.

Впрочем, не верувам дека има барем една личност која што нема да се согласи, дека овие лица, кои што ни ја оставаат државата во наследство и  кои што ја изградиле оваа држава, заслужуваат, достоинствена старост, старост во која што ќе можат да си дозволат и нешто повеќе од леб и лекови.

Сите еден ден ќе биде пензионери, затоа, давам искрена подршка во борбата на  пензионерите!

ЗА ДОСТОИНСТВЕНИ ПЕНЗИИ И ДОСТОИНСТВЕНА СТАРОСТ!

Пензионерите тоа го заслужуваат!