АктуелноЛокалноНастани

Бронзен накит пронајден на брегот на Тиквешко Езеро

По повод Меѓународниот ден на археологијата, 28 јули, во рамките на манифестацијата „Кавадаречко културно лето – 2023“, во Музеј-галеријата во Кавадарци беше организирана презентација од систематските археолошки истражувања на локалитетот Циганска Затока. Значајно е да се спомене дека овој локалитет се наоѓа на самиот брег на Тиквешко Езеро, во близината на населбата Брушани, на околу 500 метри северно од локалитетот Островот – Градот и на околу 200 метри западно од локалитетот Пешково Ритче, каде што е пронајдена средновековна некропола. Локалитетот Циганска Затока до 2021 година беше непознат за археолошката јавност, односно сѐ додека со спуштањето на нивото на водата на Тиквешко Езеро, по пријава на граѓани што за време на рибарење откриле накит, не е извршен увид кога е утврдено дека станува збор за средновековна некропола врз основа на наодите на површината и остеолошкиот материјал.
Оваа некропола уште во првата година од истражувањето даде големи резултати.

За 15 дена работа на терен отворивме вкупно 13 гроба и дојдовме до 54 артефакти накит, меѓу кои белезици, обетки и прстени. Речиси немаше гроб без накит, што ни укажува на социјалниот статус на локалитетот – градот и на неговите жители, односно дека во средниот век бил доста добро економски ситуиран. Само во гробот нумериран како 8 пронајдовме 10 белезици, по пет бронзени и пет стаклени, три обетки и еден прстен. Наедно, ова истражување ги збогати нашите сознанија за погребните обичаи и ритуали на жителите од средниот век, кои го населувале овој простор и кои споредени со другите некрополи од овој период не се разликуваат многу. Исто така се зголеми фондот на археолошки предмети во музејот во Кавадарци, особено изразено преку средновековниот накит, каде што пронајдовме и поретки и раритетни предмети, кои ги нема на сите некрополи од овој период. Од Министерството за култура се одобрени средства и за 2023 година, но самите истражувања директно зависат од нивото на водата на Тиквешко Езеро – вели археологот Раде Атанасов, раководител на проектот.
Презентираните резултати беа од минатогодишното археолошко истражување, чиј носител беше Музеј-галеријата во Кавадарци, а стручниот тим го сочинуваа Раде Атанасов, Кирил Денковски, Трајче Цветков и Елизабета Ристова.

Овој локалитет ветува многу со оглед на тоа што сѐ уште не се утврдени границите на некрополата, како и тоа дали под хоризонтот со средновековни погребувања има и постари хоризонти на погребување, што не е исклучена можност бидејќи во близината на локалитетот Пешково Ритче има и постари гробници. Останува овие одговори да се добијат во наредните години со систематско истражување.