Мојсоска: АФЖ за економско и социјално ослободување на жената работничка, земјоделка, невработена или стечајка
- Сегмент од обраќањето на Јована Мојсоска – Генерален секретар на Политичката партија Левица на вчерашната Конститутивна седница на Антифашистичкиот фронт на жените на Левица – АФЖ.
,,Кога говориме за лев феминизам, ние не говориме за повеќе жени на директорски позиции кои ќе ги експлоатираат жените работнички.
Ниту пак говориме за повеќе жени на министерски позиции од провиниенции налик на Шеќеринска и Царовска. Не говориме за овие жени-милионерки, кои во нивната либерална матрица се одрекоа од антифашистичките темели на македонската држава, во име на злосторнички воен пакт.
Ние тука говориме за економско и социјално ослободување на жената работничка, на жените земјоделки, на невработените жени, на сиромашните жени, на жените стечајки.Ние говориме за ослободување на овие жени од стегите на суровите материјални околности: ослободување преку нивна идеолошка наобразба, ЕМАНЦИПАЦИЈА и политичка активација во единствената работничка партија, која изнедри од децата на транзицијата и направи тресок на политичката сцена.
Ние говориме за лев феминизам кој извира од антифашистичката борба на бројните жени народни херои, кои биле дел од заедничката БОРБА за воспоставување слободна, независна, суверена и социјалистичка Република Македонија.
Како што говореше југословенската комунистка ИДА Сабо: ,’На југословенските жени никој не им даде рамноправност, но тие со нивното учество во Народно-ослободителната борба, и тоа МАСОВНО учество – жените со оружје во рака, се избореа за својата рамноправност’.
И затоа драги мои жени, феминизмот не смее да биде оставен да го третираат либералите и НАТО-апологетите, затоа што феминизмот извира и се развил токму низ социјалистичката борба ширум светот.”