Кинески компании ја разгледуваат можноста за инвестции во Европа
Производителите на батерии од НР Кина брзо се прошируваат во Европа, реагирајќи на растечкиот европски пазар за електрични возила, вториот по големина пазар во светот за електрични возила. Имено, според студијата објавена од страна на институтот за кинески студии „Меркатор“ и истражувачката институција „Родиум груп“, кинеските производители на батерии станаа главен извор на кинески инвестиции во Европа.
НР Кина води во светот во производството на електрични возила, вклучувајќи ги и батериите што се користат за напојување на автомобилите. Производителите на батерии ја исполнуваат таа побарувачка, градат или прошируваат неколку фабрики во Британија, Франција, Германија и во Унгарија.
Од 2018 година, кинеските фирми за батерии најавија инвестиции во Европа во вредност од 17,5 милијарди долари, вклучувајќи ги и плановите на „Контемпорари амперекс технолоџи компани лимитед“, или КАТЛ, за изградба на фабрика во Унгарија, која ќе биде најголема од ваков вид во Европа.
Но кинеските инвеститори се исто така заинтересирани да направат и чекор подалеку од инвестициите во производство на батерии. Тие се заинтересирани да произведуваат автомобили во Европа, да ја задоволат зголемената побарувачка за електрични возила пред планираната забрана на Европската Унија за автомобили што испуштаат јаглерод диоксид до 2035 година.
Силата на НР Кина во зелените технологии добро се вклопува со зелената агенда на Европа – се вели во гореспоменатата студија. Нагорниот тренд на инвестициите во производство на батерии во 2023 година доаѓа откако во 2022 година имаше мал пад на инвестициите во Европа на вкупните кинески инвестиции, а тие се намалија на 7,9 милијарди евра или 8,7 милијарди долари.