АктуелноИнтернационално

Мицотакис прогласи победа и најави ново гласање

Актуелниот грчки премиер Киријакос Мицотакис прогласи победа на неговата конзервативна партија Нова демократија на денешните парламентарни избори.

Нова демократија, освои 41,1 отсто од гласовите, далеку пред левичарската Сириза на поранешниот премиер Алексис Ципрас, која освои 20 отсто од гласовите, според пребројувањето на гласовите од 30 проценти од избирачките места.

Социјалистите од Пасок-Кинала, предводени од Никос Андрулакис, го зазедоа третото место со 12,6 отсто од гласовите.

Доколку се потврдат овие резултати, ниту една партија нема да освои апсолутно мнозинство во парламентот со 300 пратеници.

Останатите четири партии, кои според излезните анкети го надминуваат изборниот праг од три отсто, поединечно ќе освојат меѓу 3,5 и 7,7 отсто од гласовите, објави порталот Катимерини.

Мицотакис рече дека победата претставува „политички земјотрес“ што го отвора патот за уште едно гласање.

Тоа е „доказ дека Нова демократија има зелено светло од граѓаните за да управуваме сами“, рече Мицотакис, објаснувајќи дека е потребно второ гласање за да се добие апсолутно мнозинство за да се формира стабилна влада.

Мицотакис ја отфрли можноста за формирање коалиција бидејќи во Грција политичката култура не се заснова на компромис поради лошото искуство со раздорот на краткотрајните коалициски влади.

Доколку не биде можно да се формира влада во следните две недели, како што предвидуваат многу аналитичари, ќе треба да се распишат нови избори кои треба да се одржат на крајот на јуни или почетокот на јули.

Мицотакис уште во предизборната кампања не ја криеше можноста за уште едно гласање доколку не успее формирањето влада.