Левица: Неспособни партии со нереални барања – Удар против унитарноста
- Реакција на Политичката партија Левица
Дегутантниот дискурс кој во јавноста го наметнаа партиите на албанското малцинство во Република Македонија за нова организациска поделба на територијата во која ќе се инкорпорира т.н. “заедница на албански општини” ги обелодени вистинските политички мотиватори на овие партии.
Сегашната констелација на албански малцински партии е потполно отуѓена од потребите кои извираат од материјалните околности на нивното гласачко тело и својата неспособност и криминогена нарав пробуваат да ја сокријат преку игра на ниски страсти, дополнително подвлекувајќи ја нивната политичка импотенција.
Но, повеќе од сè, политичкото дејствување на овие партии се гради врз мотиватори за целосна поделба на политичкиот и економскиот плен во државата на етнички линии.
Првично, затоа што не можат да одговарат на потребите на населението и политичките прилики во општеството – тие се политички деструктивни, а понатаму за конечно и непречено да го земат во потполно заложништво албанскиот народ во државата чии политички интереси ќе се потчинат пред криминалните интереси на овие дегенеративни партии.
Дополнително, јасен е мотиваторот за сецесионизам поради кој овие криминални банди постојано задаваат удари врз унитарниот карактер на Република Македонија преку чекори кон федерализација – овие небезбедни и уназадувачки дејствија ја брануваат политичката криза во државата и придонесуваат кон поларизацијата во општеството.