Мустафаоглу: Насилниците се закана за целото општество
- Пишува: Дарја Мустафаоглу – член на Советот во Општина Ѓорче Петров при политичката партија Левица
“Хајка“ не е никакво оправдување во случајот со Латас и Лазаров. Апсолутно никој не ги тераше (освен, веројатно, желбата за поголема гледаност) да промовираат мачизам манифестиран во својата најгрда форма.
И каков “дефокус“ бе дечки? Секој ден има барем една нова вест во државава за ПРИЈАВЕНО насилство врз жена. Е сега, новинар којшто треба да е свесен за таквата ситуација од една страна и истакната личност која претендира да биде идол на младите од друга, како да не знаат (ете дури и да немаат никаква емпатија, туку само рацио) дека ваквото насилство е сензитивна тема – комотно си тераат со изразување на нивната токсична мажественост и со таква комотност и церекање, истата ја нормализираат и на тој начин спакувана ја сервираат на гледачите.
За нив можам да кажам дека #СамиСиГоБараа гневот на јавноста и истиот е најблага казна која можат да ја добијат.
Живееме во изопачено општество кое системски произведува дегени преку монструозно деформирана култура, пасивни институции, изгубени вредности и морал, отсуство на воспитание…
Младите се соживуваат со музика и се инспирираат од личности кои на жената гледаат како на предмет и забава, така е „ин“; Надлежните креваат рамена, жртвата ја пречекуваат незаинтересирано, со презир и се вадат на ограничените механизми за заштита; Вината се припишува на жртвата, а неретко се случува и „жената на жена да е волк“; Жените жртви на насилство кои собрале храброст јавно да говорат за својот случај се перципираат како желни за внимание и драма; Не се почитуваат правилата на интимната врска, па така лабаво искомплексираните мажиња едвај чекаат да испрезентираат пред машкото друштво нешто што најчесто и не се случило, сѐ со цел да изградат некоја лажна слика за себе и да бидат квалификувани како јаки мангупи од страна на друштвото кое пак приказните наместо со гадење од личноста, ги пречекува со големо внимание и воодушевување итн итн.
Поразително е како свесно и несвесно придонесуваме за нормализирање на насилството врз жените, до тој степен да насилниците без ронка срам и чувство на вина раскажуваат за нивното силеџиство.
Насилството е далеку од само приватен проблем. Насилниците не се закана само за жртвата, туку и за целото општество. А пасивните “набљудувачи“ на насилство се активни поддржувачи на истото.