АктуелноЛокалноНастани

На 6 јануари во Скопје почнал 2. Конгрес на антифашистичката младина со 1.000 делегати од Егејска и Пиринска Македонија

На 6 јануари 1945 година во Скопје, во присуство на околу 1.000 делегати на македонската младина од Егејска и од Пиринска Македонија започнал со работа Вториот конгрес на Антифашистичката младина на Македонија (НОМСМ).

На конгресот присуствувале претставници и на советската, бугарската, грчката, албанската, српската, хрватската, словенечката и на црногорската младина, како и претставници на англиската мисија.

Народноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ) била антифашистичка организација на македонската младина во времето на Втората светска војна. Во услови на окупација на Македонија, активноста на прогресивната младина на Македонија била насочувана преку месните комитети на КПМ, а потоа биле формирани Младински одбор за Македонија и Акционен одбор на НОМСМ за организирање на младината на слободната и на окупираната територија, како и во единиците на Нардоноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија.

По пренесувањето на тежиштето на НОБ во Егејскиот дел на Македонија, во село Фуштани бил одржан Првиот конгрес на Антифашистичката младина на Македонија со учество на 280 делегати од сите краишта на Македонија, како и со присуство на претставници од албанската, бугарската и грчката младина. На Конгресот бил конституиран НОМСМ, било избрано раководство и биле усвоени Резолуција и Проглас до младината на Македонија.