АктуелноЛокално

Левица: Ревизија даде неповолно мислење за работата на Агенцијата за млади и спорт

  • Реакција на Политичката партија Левица

Државниот завод за ревизија во својот извештај изнесе низа забелешки во работата на Агенцијата за млади и спорт, која е предводена од Наумче Мојсовски.

Изразено е неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.

Во врска со распределбата на средства до Националните спортски федерации (НСФ), АМС не изградила соодветни критериуми со кои ќе се обезбеди систем на објективна, пропорционална и праведна финансиска поддршка на НСФ – согласно краткорочни и долгорочни приоритетни активности.

Слични слабости се констатирани и во делот на средствата кои се исплатени за поддршка на млади и талентирани спортисти “Спортска надеж”, како и за распределбата на средства по издадените ваучери за спорт.

Кај две Национални спортски федерации исплатен е износ за плати за две лица во вкупен годишен износ од 2 милиони и 552 илјади денари, или 54%, односно 56% од вкупниот износ доделен од АМС.

Кај една Национална спортска федерација утврдени се повеќекратни исплати во висина од вкупно 300 илјади денари на едно лице – генерален секретар на НСФ, како и дополнителни 100 илјади денари на други четири лица, без објаснување за критериумите врз основа на што е определен износот, како и работниот ангажман кој е извршен.

Во поглед на реализацијата на капиталните инвестиции на кои работи АМС, кај шест објекти ДЗР има констатирано значително доцнење во поглед на реализацијата на градежните работи, при што се јавува и неизвесност во врска со идно завршување на овие објекти.

За сите забелешки содржани во извештајот на ДЗР има реагирано Левица, со свои препораки за надминување на овие стагнации во АМС, но за жал, власта нема слух.

Го прашуваме директорот Наумче Мојсовски дали вака се развива спортот по европски стандарди – со оглед на фактот што истиот беше дел од незаконската кампања за промена на уставното име?