Левица: Како Ковачевски манипулира со тутунопроизводителите
- Реакција на политичката партија Левица
Премиерот на Република Македонија, Димитар Таче Ковачевски изјави дека оваа година била договорена највисока откупна цена за тутунот.
Прво, никој не знае со кој тоа Ковачевски договараше откупна цена на тутунот, кога сведоци сме на секојдневно големо незадоволство и разочарување кај тутунопроизводителите. Од година во година сѐ помалку земјоделци се занимаваат со одгледување на тутун и се преориентираат кон други култури или пак својата егзистенција ја бараат надвор од татковината.
Ковачевски како да заборавил дека под власта на СДС и ДУИ овие неколку години имаме катастрофални економски резултати, невидена инфлација и зголемени класни разлики, па никакво зголемување на откупната цена на тутунот од околу 20% не ги надминува производствените трошоци кои ги имаат тутунопроизводителите при производството.
Додека тутунската индустрија континуирано си ги зголемува малопродажните цени на цигарите и си книжи зголемени профити, лажната социјалдемократија полека но сигурно ги чисти нивите од стратешката традиционална култура, тутунот, а од земјоделците прави социјални случаи.
Левица како единствена работничка партија, до крај ќе стои на страната на обесправените, работниците и земјоделците, и дава потполна поддршка на тутунопроизводителите во нивните барања за реална откупна цена на тутунот.