АктуелноЛокално

Финансиерот на бугарските клубови открива дека лани имал средба со претседателот Пендаровски

Милен Врабевски, бугарскиот бизнисмен, доктор и музичар, кој стана актуелно име во земјава откако ,,Фокус” објави дека тој ги финансира бугарските клубови во Битола и Охрид, освен што имал средби со повеќе наши јавни функционери, открива дека минатата година се сретнал и со претседателот Стево Пендаровски. Во интервју кое го објави Трибина.мк тој зборува за неговата Фондација ,,Бугарска меморија”, за многуте награди кои ги добил поради своите залагања за градење економски мостови, поддршка за кариерен развој на млади луѓе, образовни иницијативи и друго. Потсетува и на низа на донации кои ги остварил во нашата земја, а слични активности имал и во Украина, Молдавија, Србија и Албанија.

Нема ништо чудно во тоа што филантропи како мене се во постојана комуникација со политичарите. Минатата година имав и лична средба со претседателот Пендаровски, со предлог од моја страна да се формира граѓанска иницијатива во РСМ за стабилна позиција за евроатлантската ориентација на Македонија и надминување на спорот со Република Бугарија-вели Врабевски во интервјуто.

Околу средбата со поранешниот премиер Зоран Заев пак, прашува дали гостувањето кај него било обвинување.

Нема ништо чудно или скриено во врска со мојата средба со вашиот премиер, која се одржа во 2017 година во присуство на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Струмички дедо Наум. Тема на нашиот разговор беа конкретни предлози за зајакнување на добрососедските односи меѓу двете земји. Акцентот беше најмногу на тоа што можам да направам за да помогнам. Го известив премиерот дека ќе ви го донесам Светиот оган и ќе помогнам колку што можам за признавањето на Македонската православна црква од нашата православна црква (која во тоа време беше поканета да и биде црква-мајка). Разговорот се одвиваше во пријателска атмосфера.

Тој продолжи со конструктивни иницијативи за успешна билатерална соработка во рамките на европските интеграции. Некои од нив се веќе исполнети. Тоа главно се однесува на работата со децата од двете страни на границата – заеднички образовни проекти (во континуитет), средби меѓу директорите на училиштата од двете страни на границата (одржавме една, финансирана од мене и нашето Министерство за образование и наука), моја донација за најголемиот соборен храм на територијата на РСМ – оној во Делчево, општи прослави и друго – појаснува бизнисменот.

За отворањето на бугарските клубови, вели дека тоа е нормално и неопходно, не само во Македонија, туку во секоја земја каде што има Бугари.

Создавањето на бугарските културни центри во Македонија започна по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. Тамошните луѓе почнаа да веруваат дека е дојдено време да се елиминира деценискиот страв од истакнувањето на нивната бугарска самосвест, се собраа и ги создадоа овие здруженија за да се вратат на своите историски корени и да ја бранат бугарската идеја во Македонија. Овие клубови работат на културна и економска размена, елиминирање на говорот на омраза (ова вклучува откривање на вистината за историското минато и кршење со тоталитарните наредби на вознемирување поради етничкото потекло), олеснувајќи ја европската интеграција на РС Македонија-раскажува Врабевски во интервјуто.

-Текстот е превземен од fokus.mk