АктуелноЛокалноСтав

„Крим во услови на Западни санкции“

  • Пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Крим е спој на невидена природна и божествена, духовна убавина, место каде што има огромна животна и духовна енергија и сила. Не случајно за Крим важат изреките дека „Крим е златен орден на градите на планетата Земја“ и дека „Крим е бисер на светот“. Кримскиот полуостров и неговите преубави плажи ги заплискуваат водите на Црното и на Азовското море, а во внатрешноста на Крим се извиваат планини кои што на Крим му даваат посебна убавина и шмек. Крим е колевка на сите периоди од човечката историја, и на секоја педа од кримската земја можат да се видат остатоци од таа богата историја. Во историјата Крим бил познат како регион каде што се произведувало вкусно вино, се ловеле и извезувале ширум Европа острици, и се произведувале различни видови на кашкавали. Денес, современ Крим, се враќа кон својата традиција, и на Крим повторно се произведуваат голем број на квалитетни вина, кашкавали и острици.

Како странски новинар бев поканет и бев дел од ексклузивна прес тура „Крим во услови на Западни санкции“ за новинари од странство која што беше организирана во Крим. Имав можност со свои очи да го видам развојот на Крим, како и да посетам различни уникатни компании, винарија, млекара за кашкавал, фарма за остриги, расадник на винова лоза, како и земјоделски комбинат. Западните санкции го сплотиле Крим и неговите жители, и им помогнале во развојот на Крим.

Посетата на Крим ја започнавме со посета на ултрамодерната винарија Alma Valley која што се наоѓа во долината на јаболката во Бахчасарај, и која што е изградена според најдобрите европски традиции на принципот на гравитациско производство на вино. Сместена на една од височините во долината, опкружена со лозови насади и преубава панорама на кримските пејсажи, оваа винарија е вистинско ремек дело на човековиот ум и технологии. Во производството на вината учествуваат светски познати консултанти, а виното има награди и медали на меѓународни натпревари. Ова е најмодерната винарија на Крим и Русија, со 406 хектари лозови насади, со дванаесет производствени линии и 64 различни видови на вина, а вкупното моментално производство е 2 милиони шишиња годишно. За високиот квалитет на виното зборуваат најсовремени германски, италијански и француски технологии и опрема, дабови буриња од Унгарија, Франција, Австрија, САД и Кавказ, како и соработката со Ридел.

Во винаријата Alma Valley, сите посетители ги очекува топло добредојде, гостопримство на вработените, прекрасни екскурзии, дегустации и пријатна атмосфера во современата просторија за дегустација, каде што можете да се опуштите и да уживате во вкусот и аромата на нивните вина, во комбинација со вкусното кримско сирење и пршута. Аромата на нивните вина е елегантна, со нежен хармоничен вкус. Можете да ги почувствувате ванилата и овошните ноти кои природата му ги подарила на Крим.

Посетата на Крим ја продолживме со посета на расадникот на садници за винова лоза Алма Витис, кој што се наоѓа во Бахчасарај и кој што е создаден во 2020 година. Овој уникатен расадник на Крим е создаден во соработка со познатата шпанска компанија Viveros de vides Plantvid, која што има педесет годишно искуство со разни садници, но пред се винова лоза. Алма Витис произедува годишно по 300 000 садници од различни сорти на винова лоза, кои што потоа се садат во различни делови на Крим. Садниците на Алма Витис се произведуваат по последна шпанска технологија и начин на одгледување, и се присутни насекаде низ Крим.

Го посетивме и ресторанот Пијана Острига, кој што е одличен морски ресторан, со сопствена фарма за остриги, која што се наоѓа на брегот на Црното море, во Сибаиз. Маса со поглед на морето и душевно зајдисонце на морскиот хоризонт, а во позадина свири класична музика. Вкусни морски плодови и шампањ Нов Свет, кое специјално било произведувано за последниот руски император Николај II. Што друго ви треба за да бидете среќни. За прв пат во животот пробав остриги и доживеав гастрономски оргазам. Многу свежи и вкусни остриги од нивната фарма! И школки во различни сосови, преливи со кашкавал, томатна паста, еден вид на совршено пилотирање. А рапана и катран – ајкула послужени со различни сосови и ладен шампањ се празник во животот.

Ресторанот Пијана Острига е пријатен не само поради својата кујна, стил и локација, туку и поради односот на секој член на персоналот. Самиот сопственик Сергеј кога не е на отворено море, во лов и собирање на остриги, школки, рапани и ајкула од видот Камран, постојано е во својот ресторан и комуницира со гостите, а неговата сопруга е главен готвач, таа сама ги готви сите јадења и сосови со љубов. А нивните три прекрасни ќерки им помагаат во работата. Таквата семејна атмосфера е едноставно хипнотизирачка и воодушевувачка. Сергј, Москвич, кој што имал бизнис во Москва, во еден момент од својот живот решил дека му е доста од Москва, и заминува на Крим, за да отвори фарма за остриги, и да создаде свој ресторан и бренд, иако ништо не знаел за остригите и морските продукти. Денес е успешен во бизнисот со остриги.

Земјоделскиот комбинат Јаросвит кој што се наоѓа во Крим слави 13 години успешно работење. Во комбинатот работат 400 вработени, и комбинатот е опремен со современа земјоделска техника и технологии, пред се руски, но и италјански, белоруски и израелски. Основна дејност на комбинатот се овошните насади на територија од 560 хектари, на кои што се одледуваат разни сорти на јаболка, слива, цреша и праски, и на 1 хектар се посадени од 2 500 до 3 000 дрвја. Годишното производство е 13 000 тони јаболка, 200 тони црешна, 1 000 тони слива и 300 тони праска. Комбинатот располага со супер современ ладилник со капацитет од 5 000 тони. До сите дрвја е спроведен систем за наводнување капка по капка, како и сензори, и во секое време 400 вработени знаат што точно му е потребно на едно дрво, дали витамини, дали вода и сончева светлина. За да не зависи од временските прилики, комбинатот изградил 3 огромни вештачки брани. Комбинатот постојано расте и се развива, со нови насади, земјоделска механизација и технологии, и државата и Крим им враќа до 90% од инвестициите.

Во преубавата долина Бахчасарај на Крим, помеѓу планините, ја посетивме современата млекара за кашкавал „Со светот за кашкавал“. Андреј кој што е родом од Вологда, северот на Русија, човек со два факултета, голем љубител на италјанските и европските кашкавали и сирења, решил 2016 година да ја напушти својата работа, да се откаже од светлата кариера во Москва, и да се пресели во Крим, во долината Бахчасарај, за да го оствари својот детски сон, млекара за производство на различни видови европски кашкавали. Денес Андреј има 2 мали млекари и 2 фарми, одгледува 70 квалитетни педигрирани крави, плус 100 кози. За да го оствари својот сон, Андреј добил кредит од државата и од регионот Крим за да може да го оствари својот сон. Инвестициите на 70% му ги има вратено регионот Крим.

Андреј и неговиот тим произведуваат пармезан, качота, гауда, рикота и фирмениот бренд – „Златото на Крим“. Италијанските традиции и духот на Прованса се комбинирани во млекарата за кашкавал „Со светот за сирење“. Уникатните технологии, љубовта на Андреј и работниците кон својата работа, како и инспирацијата од кримската природа помагаат да се создадат овие уникатни видови на кашкавали на територијата на Крим. Пред млекарата се наоѓа мала продавница каде што секој може да купи разни видови на кашкавал или козјо сирење, и да ги проба со жешок домашен леб, кримско вино да ужива во дегустацијата на кашкавалите или разните видови на торти и слатки од кашкавали и сирења, мармалади и џемови кои што се произведуваат во млекарата.

Секој барем еднаш во животот треба да го посети Крим, за да може да ужива во природните убавини на Крим, во вкусното кримско вино во комбинација со кримското сочно овошје и со превкусните кашкавали и сирења. И вистина, Крим е рај на планетата Земја.