АктуелноЛокалноНастани

„Звуците на чаршијата: Звукот на Скопје“ – дводневен летен фестивал на отворено

Една од најголемите  манифестации на Културно-информативниот центар е „Звуците на чаршијата“  годинава, под насловот „Звукот на Скопје“, ќе се одржи со многу новини и изменет концепт. Тоа е носечката манифестација на установата, која годинава ќе биде обликувана во формат на дводневен концентриран скопски летен фестивал на отворено, каде ќе настапат актуелни и свежи локални, но и интернационални имиња. 

– Програмата во најголем дел е веќе договрена и фиксирана, а пополека ги објавуваме и групите кои ќе настапат. Намерата е самиот фестивал да го претвориме во современ градски летен фестивал на отворено, кој ќе стане препознатлив бренд на Скопје – вели Тони Димитров, директор на КИЦ.

Според него, иако чаршијата алудира на традиција, сепак тоа не значи дека фокусот мора да биде на народната, или она што денес се нарекува „ворлд мјузик“. 

– Според ова, на овој фестивал свое место ќе најдат и современи бендови, кои сметаме дека би биле интересни за скопската публика, или едноставно се актуелни во моментов. Тоа значи дека традиоцнионалноста би ја надополниле со современост, а таргетот, целната група или публика би била проширена со различни интересни или старосни групи. Фокусот ќе биде музиката, но на овој фестивал ќе се претстават и други културни содржини, уметности, креативни индустрии… Од групите и издавувачите што би сакал да ги споменам сега се Дина Јашари, Љубојна, Тони Китановски и Черкези, Баклава, Перија, Дориан и Добрила, Foolish Green, Хајка и ултрапопуларната Констракта – најавува Димитров. 

И самото име на фестивалот „Звуците на чаршијата“ или веќе „Звукот на Скопје“ алудира дека во фокусот на фестивалот се музичките активности, но покрај тоа, секако ќе има и други активности кои се во доменот на интерес на КИЦ, како литературната дејност (поетски читања) и секако изложби. 

Терминот на одржување е средината на септември (16-17), а ќе бидат избрани неколку локации  низ чаршијата.

– Интересно е што чаршијата е широк поим кој изобилува со фантастични концертни простори, па тука можеме да ги земеме предвид плоштадот Мајка Тереза, паркот Ибни Пајко, самите улички низ чаршијата и сл. – вели директорот на КИЦ. 

Традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“ има за цел, веќе неколку години, да ја заживее чаршијата преку концерти од сите жанрови, перформанси, настапи, поезија, ликовни активности. Старото јадро е културен и духовен споменик на градот, а намерата на организаторите е да се врати духот на чаршијата. 

„Звуците на чаршијата“ е мултимедијална и мултикултурна манифестација, која годинава се одржува по 16 пат, со идеја да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе кон еманципација на културно неизградените средини. Таа придонессува кон континуираните активности на градот Скопје и Културно-информативниот центар – Скопје за ревитализација на Старата скопска чаршија, но со намера да се прошири и на други локации низ целиот град.

Согласно таквите настојби, и овојпат е направена богата културно-забавна програма чија цел е да ги анимира посетителите на овој дел од градот.

Оригинално објавено во третиот број на магазинот СКОПЈЕКУЛТ