АктуелноБиблиотекаЛокално

Браќа и сестри, бидете на штрек, не подарувајте го идеалот на вашиот минлив живот

  • Македонски манифест, Петре М. Андреевски,

Браќа и сестри, бидете на штрек, не подарувајте го идеалот на вашиот минлив живот, не напуштајте го храмот што го носите во вас, не напуштајте го и кога знаете дека е разурнат, исправете ги неговите урнатини, зашто само така ќе си ја вратиме и вербата во себе си.

Не срамете се од ништо што е ваше, ставете го во вашата љубов како порака на сите наши предци кои пред нас биле некаде тука на истите овие места што ги зафаќаме ние. Не дозволувајте некој друг да ни ја контролира нашата свест и нашата национална гордост. Презирајте ги сите оние што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот, писмото што всушност го позајмиле од нас.

Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни. Историјата е еден отворен процес кој постојано се допишува. Ние, Македонците таа историја сакаме да ја пишуваме само со своето македонско писмо и само со својата македонска вистина. Слободата е наша прва икона и затоа не испуштајте ја од своите раце и од својата љубов. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг.

И низ секој изгрев што нѐ осветлува. Само така Македонија ќе ја видиме обединета во една толку величествена светлина. Зашто наше знаме е сонцето, а тоа е најстариот оган на кој се грееме.

Ура за Македонија, ура и за тој вечен оган по кој се препознаваме!!!