Градинките немаат соодветни услови за згрижување на децата
Реакција на Социјален Сектор на Левица
Згрижувањето на децата во градинките е многу значаен дел од животот и секојдневието на родителите.
Во Македонија особено во Скопје сведоци сме на мал број на градинки, односно немање на доволен капацитет за згрижување на сите пријавени деца, а од друга страна постојат изградени градинки кои не се пуштени во употреба. Градската и централната власт во ова поле години наназад не бележат никаков прогрес односно напредок.
Згрижувањето на децата во градинките е особено значаен процес за родителите , за децата, но и за самото општество. Во овие установи се градат навиките на децата кои се иднина на оваа земја, се згрижуваат до предшколска возраст, со цел родителите да бидат во можност да бидат дел од пазарот на труд.
Последниот немил настан со рушењето на покривот во градинката во Карпош е само потврда за негрижата на оваа власт,за децата кои се нашата иднина. Изградбата и одржувањето на градинките, условите во истите, кадарот кој работи во истите треба да биде највисок приоритет за обезбедување на мирно и среќно детство.
Понатаму кадарот кој е вработен во градинките е недоволен, групите на дечиња кои се згрижени се во голем број. Незадоволството од минималните примања на негователките и воспитувачките резултираше со штрајк, а кој дополнително беше непријатно искуство за штрајкувачите имајќи во предвид дека платата за штрајкувачкиот период не им е исплатена.
Со ваквата тенденциозна политика на досегашните власти, преку кратење на финансии од буџетот за јавните градинки и тотална негрижа за условите во градиниките, свесно се уништуваат јавните дејности, а се со цел стимулирање на приватни градинки, што претставува класна сегрегација. На тој начин, само децата на поимотните граѓани се привилегирани и можат да си дозволат приватни градинки, додека посиромашните граѓани ќе морат да се снаоѓаат како знаат и умеат.
Левица како работничка партија се залага за обезбедување на доволен број на градинки, но и овозможување преку иницијативи за бесплатни градинки на сите деца, без оглед насоциоекономската состојба на семејствата.