АктуелноЛокалноНастани

Рацин – револуционер, комунистички активист и интелектуалец на работничката класа во Македонија

  • Соопштение на Левичарскиот институт „Рацин“

Во рамки на програмата 59. „Рацинови средби“, вчера, 15-ти јуни, во Ликовниот салон Велес, се одржа дебата на тема „Македонскиот јазик и култура – предизвици и перспективи“, на која беше поканет и Левичарскиот институт – Рацин, претставуван од страна на м-р Реџеп Исмаил – Хактан. Подолу ви ги пренесуваме погледите и размислите на темата низ перспективата на животот и делото на Коста Апостолов Солев – Рацин, изнесени од страна на нашиот претставник на самата дебата:

РАЦИН – ОРГАНСКИ ИНТЕЛЕКТУАЛЕЦ НА РАБОТНИЧКАТА КЛАСА ВО МАКЕДОНИЈА

Сиромаштијата и неповолните економски услови со кои беше опкружен Рацин, го натераа да проникне во тие „тајни“ општествени сили на историјата кои го правеа светот во кој тој егзистираше. Тој одговорот на овие прашања кои го мачеа во раната младост – обсервираќи ја околината во која тој вирееше – го пронајде во философијата на марксизмот. Односно, причината за бедотијата на која сведочеше, тој ја препозна во економскиот модел на капитализмот во кој трудот на работникот е отуѓен а неговите плодови ги присвојуваат оние кои го имаат капиталот.

Оттука, Рацин, не само што за своите книжевни дела се инспирира од маркистичко-ленинистичкиот поглед на свет, туку тој и својот живот го посветува на политичката цел – борабата за социјализам. Притоа, точно сметајќи дека тоа е единствен модел и избор кој им гарантира национална слобода на малите и поробени народи, каков што беше македонскиот народ. Впрочем, како што и самиот констатира во својот „Резултат“, „И така полека марширав кон Спознанието…“

РАЦИН – ИДЕЈНА ХРАНА ЗА ГЕНЕРАЦИЈАТА НА ПАРТИЗАНИТЕ

Рацин не беше само активниот младич во работничкото движење на Југославија – големата надеж на КПЈ, како што забележуваа личности од редови на КПЈ – тој беше и учител, односно идеолошки педагог на целата генерација која духовно и материјално ја извои национално-ослободителната борба на македонскиот народ. А за ова, покрај неговите написи за Богомилите, за Значението на Илинден, за Националното прашање во Македонија, најмногу зборува и неговата МЕЃУНАРОДНО ЗАПАЗЕНА критика на хегеловата дијалектика – објавена на негови само 23-24 години.

РАЦИН – ПРЕД СЕ РЕВОЛУЦИОНЕР И КОМУНИСТИЧКИ АКТИВИСТ

Рацин, освен што е поет и книжевник, тој пред се е општествен деец како еден од најистакнатите македонски комунисти . И тоа не било каков комунистички активист, тој е и единствен делегат од Македонија на Четвртиот конгресот на КПЈ одржан во Дрезден 1928 година. Конгрес, каде Рацин, според сведоштвата на Мито Станисавлевиќ како технички секретар на Конгресот, пред делегатите во присуство на уште двајца претставници и од Коминтерната, зборувал и за национално-ослободителната борба на македонскиот народ, поврзана со класното работничко движење на Комунистичката партија.

Времето на Рацин, историски е преломен, судбоносен период за македонскиот народ. Период кога се создаваат темелите на неговата современа политичка култура и историја. А тој, со своето дело, не само што е дел од овој прелом, туку е и носител на тоа време како со неговото делото така и со својот живот и снага.

Земено во целост, животот и делото на Рацин е верен идеолошки израз на прогресивната политичка култура на македонскиот народ, кој, во текот на народната револуција извои потполна национална слобода и рамноправност, во заедничката борба со останатите југословенски народи против Западниот империјализам.

За Рацин, правилно решение на националното прашање може да се постигне само по патот на револуционарната борба на широките маси, онеправдани и ограбени от империализамот.
Рацин не е идеалист, тој типично марксистички, однос помеѓу културата на еден народ и неговата политичка организација/држава/институција ја согледува дијалектички – како два меѓусебно зависни феномени. За Рацин, како марксист-ленинист, националното прашање е револуционарно и интернационално прашање, и као такво претставува „дел от општото прашање на пролетерската револуција, дел от прашањето на диктатурата на пролетариатот“.

Културата пак, како важен елемент на нацијата, тој не ја гледа како нешто вредно само по себе. За Рацин, таа (културата) „во рацете на господари и богаташи – само е инструмент за создавање на нивното богатство. За нив културата е – Експлоатација. И само тогаш, кога културата ќе биде во рацете на оние што работат – само тогаш културата ќе биде човечка!…“

Рацин, низ целиот свој активен живот останува убеден дека за еден општествен деец и интелектуалец активната работа за рушење на затекнатите услови е многу попродуктивно отколку работата под нив. Имено, тоа е и неговиот „последен резултат“.