Со ребалансот на буџетот повисоки расходи, повисок дефицит и инфлација, а пониски инвестиции и економски раст
Реакција на политичката партија Левица
Како никогаш до сега, неспособноста на Владата се одразува со ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2022 година, кој е проектиран на рекордни 4,65 милијарди евра и дефицит поголем за 150 милиони евра, во износ од 700 милиони евра или 5,3% од БДП.
Ова само може да значи нови задолжувања и зголемување на јавниот долг за покривање на дефицитот, како и дополнителни 200 милиони евра за отплата на старите долгови. Со ребалансот зголемен е дефицитот, но и проектираниот БДП, затоа процентите не се сосема споредливи.
Загрижувачки е тоа што намалени се и проекциите за економскиот раст, кој наместо 4,6%, сега е проектиран на 3,2%, додека реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 5%, иако претходно се очекуваше зголемување за 8,5%.
Во земја како нашата, жално е што за да се задоволат апетитите на властите, мора да се крати од развојната политика која очајно и е потребна на нашата економија и општество. Процентот на реализирани капитални инвестиции е доста низок, на 23.05.2022 година изнесува 18,52%, што значи дека власта и оваа година нема развоен буџет. Стапката на инфлација со ребалансот се планира да изнесува 7,2%, поради интензивирање на ценовната динамика споредено со 2021 година, и е ревидирана нагорно во однос на првичната проекција (2,4%) кога се очекуваше стабилизирање. Реалноста е сосема друга, нивото на инфлација во април достигна 10,5% и е највисоко од 1994-та година, кога изнесувала 55%.
Приватната потрошувачка се очекува да забележи раст од 3,3%, додека кај јавната потрошувачка направена е надолна корекција и се предвидаува да се намалат неприоритетните трошоци, иако во голем дел платите на пренатрупаната и партизирана администрација се непродуктивни расходи. Со ребалансот, обичниот граѓанин ќе биде позадолжен, ќе плаќа повеќе за основните производи, посебно со укинување на привремените мерки, со кои привремено беа намалени ДДВ, акцизите и маржите. Од 1-ви јуни се очекува нов ценовен шок и ако не се преземат мерки за ублажување на овие негативни трендови, животот станува сè поскап, а политиките на неспособната власт заедно со ребалансот, погубно ќе се одразат врз буџетот на граѓанинот.