(Видео) Протести низ земјите на ЕУ против НАТО и инволвирањето во конфликтот помеѓу Украина и Русија
Санкциите кои земјите од Западот ги спроведуваат против Русија се чини дека највеќе штетат токму на жителите на земјите од европскиот континент. Енергетската криза и инфлацијата која е во постојан пораст во земјите од ЕУ, драстично ја влоши економската состојба на европјаните. Веќе почнаа да се појавуваат протестни движења кои ги оспоруваат ваквите политики на своите земји, односно, протести против учеството во воениот сојуз НАТО и воведување санкции кон Русија.
Стотици демонстранти во Грција вчера излегоа на протест скандирајќи пораки против НАТО, го изразија своето противење на вмешаноста на нивната земја во војната во Украина. На протестот беше одбележано јубилејното 40-то собирање по повод годишниот „Маратонски марш на мирот“.
Анкетата на Евробарометар претходно овој месец покажа дека само 40 % од Грците го поддржале финансирањето наменето за вооружување за Украина.
Сличен протест се одржа и во Италија, каде поголеми италијански синдикати повикаа на штрајк во знак на протест против финансирањето на војната во Украина. Луѓето излегоа на улиците во најмалку 18 италијански градови. Тие беа мобилизирани под слоганот „Против воената политика и економија што ги намалува платите и правата“. Демонстрантите протестираа против милитаризацијата на нивната влада и побараа „итен прекин на огнот во Украина и „итно повлекување на сите армии“.
Италија ја снабдува украинската војска со низа лесно и тешко оружје. Таа, исто така, објави дека ќе и позајми на Украина 200 милиони евра минатата недела. Широката владејачка коалиција во Италија е поделена околу испраќањето повеќе оружје во Украина, а анкетите покажуваат мала поддршка од јавноста.
Претходно слични протести беа забележани во Франција, како и во новите земји кандидати за членство во воениот блок НАТО, Финска и Шведска.