АктуелноЛокално

Советниците на Левица поднесоа иницијатива за бесплатни градинки во Општина Ѓорче Петров

  • Иницијатива од Левица – Ѓорче Петров

Од Годишниот финансов извештај на општина Ѓорче Петров за 2021 година, утврдивме дека учеството на самофинансирањето во Буџетот на општината е само 2,29%. Во Буџетот на општината за 2022 година, повторно, предвидени се приходи од самофинансирање во износ којшто многу едноставно би можел да се пополни од основниот Буџет доколку со наредниот ребаланс локалната власт се одрече само од бескорисните трошоци и луксизирања.

Градинките денес, особено во услови на криза со сѐ поголеми трошоци за живот, претставуваат огромен трошок за сиромашните семејства кои во општината Ѓорче Петров се во незанемарлив број. Имено, родителите покрај редовниот месечен надоместок се соочени со дополнителни трошоци кои се наметнуваат како листа на материјали коишто секој родител е должен да ги обезбеди на детето кое посетува градинка. Поради ваквиот финансиски товар на месечно ниво, родителите сѐ почесто се принудени да изнаоѓаат други алтернативи коишто несомнено го немаат истиот ефект како градинките во однос на понатамошниот тек на образовниот процес, социјалната интеграција и развојот на когнитивните и некогнитивните вештини кај децата. Свесни за тоа дека, општина Ѓорче Петров не е општина во којашто живеат богати луѓе, туку населението во голема мерка спаѓа во онаа група која прима минимална плата, должност наша е да обезбедиме генерациите коишто доаѓаат да имаат подобра егзистенција и перспектива. Ова мора да го оствариме со надминување на бариерите кои ги ограничуваат семејствата со скромна живеачка да ги користат градинките како место за згрижување и образование на децата од најмала возраст.

Од наведеното можеме да заклучиме дека бесплатните градинки се МОЖНИ и НУЖНИ.

Општината покрај тоа што е должна да обезбеди доволно капацитети во градинките, како и соодветни услови во истите, услугите коишто ги нуди таа е логично да бидат ослободени од надоместок за жителите, затоа што тие својата финансиска обврска кон општината ја извршуваат преку плаќањето на даноци.

Очекуваме двете коалиции застапени во Советот на општина Ѓорче Петров да ја поддржат оваа Иницијатива имајќи ги предвид нивните предизборни ветувања и истакнување на бесплатното згрижување на децата во градинките како мерка за справување со кризите во неколку наврати.