Левица: Надлежните констатирале дека пожарот кај „Треска“ не предизвикал загадување на воздухот
- Реакција на Политичката партија Левица.
Од Државниот инспекторат за животна средина пред два дена објавија дека при извршениот увид, било констатирано дека пожарот во „Треска“ не предизвикал сериозна загаденост на воздухот. Oва е официјалното објаснување на надлежните органи презентирано, дури по една недела од големиот пожар што избувна во просториите на поранешниот гигант за производство на мебел.
Мерните станици поставени од Министерството за животна средина покажувале нормални бројки во периодот за време на пожарите и по нив. Воздухот бил чист, велат тие откако напрaвија увид.
Се поставува прашањето дали мерните станици имаат капацитет да го измерат присуството на сите видови честички, што ги има за време на огромен пожар, што траеше два дена со прекини?
Според некои експерти, проблематични биле само покривите со азбестни плочи, што евентуално можеле да предизвикаат потенцијална опасност по животната средина и луѓето што живеат во околината. Нема ниту официјална информација за висината на ПМ честичките во часовите додека густи облаци чад ги покриваа населбите Капиштец, Козле и Карпош.
Ова е единствениот епилог по средбата на градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски со претставниците на МВР, ЦУК, Државниот инспекторат, ДЗС, Црвен Крст, по извршениот троен увид и надзор што траеше една недела.
Повторно власта сервира манипулации и празни флоскули, каде загадување нема, деликт нема, казна нема. Она што може да се заклучи од инертното постапување на институциите е дека имаме Државен инспекторат за животна средина без соодветни капацитети, со недоволен број инспектори кои немаат ниту едно теренско возило.
Левица како приоритет ќе бара тројно зголемување на капацитетот на еколошкиот инспекторат на сите нивоа, формирање специјално тело за координација при еколошки деликти, и пo итна постапка носење на Закон за инспекциски надзор на животната средина, што е и најголем проблем во последниот извештај на ЕУ во 27-то еколошко поглавје.