Сековска: Потребни се итни мерки за заштита на домашното производство
Професорката Благица Сековска во емисијата „Утринска на Телма“ зборуваше за аграрната политика и домашното производство на храна. Во интервјуто професорката нагласи дека државата има итна потреба од „протекционистички мерки за заштита на домашното производство“.
Според неа, државата нема долгорочна аграрна стратегија за развој, а актуелната политика која ја водат властите постојано се менува без да има конкретизирано долгорочни и среднорочни цели.
„Аграрната политика во Македонија е неконзистентна, се менува од година во година, според политичките потреби на власта. Во главно е популистичка, јас велам за ‘гаснење пожари’ без некоја долгорочна стратегија каде што се има визија што е целта, што сака да се направи и развие.“
Во разговорот за емисијата „Утринска на Телма“, Сековска констатираше дека домашното производство на житни култури постојано опаѓа и дека за опстојувањето и развој на овие култури е неопходно да се создаде самоодржлив систем.
„Домашниот производствен сектор е во лоша состојба, производството на житни култури е во постојано опаѓање. Според мене секоја земја која се држи до себе мора барем до одредено ниво да биде самооодржлива. Четири работи се основни: енергенси, храна, вода и комуникациите.„
Според професорката, основните прехранбени производи може да поскапат и до 30 проценти во наредниот период, сепак таа не предвидува дека ќе се соочиме со неможност да се прехраниме, „храната ќе има, проблем за многумина ќе биде цената“.
Сековска смета дека државата мора веднаш да интервенира во овој поглед, затоа што стапката на сиромаштија е многу висока, а покачувањето на цените на основните продукти дополнително ќе ја влошат ситуацијата.
„Ако Македонија преземе мерки подоцна можностите ќе бидат ограничени бидејќи во моментов 800 илјади луѓе се сиромашни или се на прагот на сиромаштија“.