Мадуро ја „протера“ мисијата на ЕУ од Венецуела
Министерството за надворешни работи на Венецуела одби да ги продолжи визите за дипломатите на Европската Унија кои беа на мисија во оваа јужноамериканска земја.
Претседателот на Републиката ги обвини дипломатите за шпионажа откако изјавија дека имало нерегуларности на изборите на 21 ноември. Потсетуваме дека националниот изборен совет на Венецуела прогласи победа на Социјалистичката партија, која освои 20 од 23 гувернерски места на локалните и регионални избори во оваа латиноамериканска земја. На овие избори имаше присуството на набљудувачи од ЕУ, кои пријавија минорни нерегуларности на некои избирачки места.
Мисијата на ЕУ имаше испратено вкупно 130 луѓе да ги следат изборите. Повеќето веќе ја напуштиле земјата, но некои од нив останале да ги доистражат условите за избори и евентуалните нерегуларности.
„Оние кои дојдоа како непријатели, шпионската делегација на Европската Унија, не најдоа ни најмал доказ за критика на изборниот систем“, изјави претседателот Мадуро, со што јасно даде дознаење дека визите на дипломатите од мисијата нема да бидат продолжени.