Крмов: Над 60.000 граѓани останаа на улица, а уставните судии незаконски си ја зголемија платата за 35%

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, реагираше за објавениот ревизорски извештај за работењето на уставните судии. Во објавениот извештај е констатирано дека Уставниот суд вршел јавни набавки со склучување договор, наместо со тендер, со што не го почитувал законски утврдениот праг од 12.610 евра вредност на годишно ниво. Дополнително, се констатира дека во просек годишно Уставниот суд завршува 60 отсто од предметите, земајќи го во предвид временскиот период 2016-2019 година.

Во извештајот се критикува тоа што Уставниот суд со измена на Деловникот (место со закон) ги утврдил додатоците на платите на уставните судии, а 30 години не внесува рокови колку може да трае една претходна постапка по поднесена иницијатива, во кој рок треба да се стави на расправа и нема рокови кога треба да се одлучи по една иницијатива.

Уставниот суд не донел програма за работа, не воспоставил внатрешна ревизија, ниту сметководствена евиденција за набавка и издавање материјали. Се сомнева во „вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи“. Изразува резерва и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Евидентирани се слабости и во вршењето на пописот на средства и обврски. Како што заклучува извештајот, едно лице е и сметководител и благајник, него го контролира генералниот секретар и толку. Нема последователна, крајна контрола на финансиските пресметки.

Уставните судии веќе 30 години намерно не внесуваат деловнички рокови за постапки, за да можат легално да влечат процеси и по 5 години. Ама од друга страна, експресно и незаконски го променија Деловникот и си ја зголемија платата за 35%, иако не може деловнички и мора со закон!
Во екот на кризата кога барем малку требаше да покажат солидарност со над 60.000 граѓани кои останаа на улица, тие експресно ја соборија одлуката со која сите избрани и именувани функционери требаше времено да земаат минималец.

Набавките без тендер им се бонус.
Алал. – напиша Крмов на својот профил.


Уставните судии веќе 30 години намерно не внесуваат деловнички рокови за постапки, за да можат легално да влечат процеси…

Posted by Борислав Крмов on Monday, May 10, 2021