АктуелноЛокално

Левица: Продолжува да се турка деформираната концепција за реформи во образованието

Во целост ја пренесуваме реакцијата на Левица:

Иако не понудија ниту еден одговор на мноштвото прашања, кои стручната и општата јавност со право ги поставува, министерката Мила Царовска и нејзините соработници деновиве излегоа со изјава дека наставните програми за прво и четврто одделение се подготвени и истите ќе почнат да се реализираат уште од септември. Во меѓувреме, дури се закажани и обуки, преку кои, низ три модула, во текот на летото одделенските наставници ќе бидат обучувани за реализација на новите реформи.

Во врска со програмите стигнуваат реакции од стручни лица во областа. Така, професорка во пензија од Педагошкиот факултет „Климент Охридски“ – Скопје, д-р Благица Петковска, чиј главен предмет бил Методика на настава по Македонски јазик, коментирајќи ја програмата наведува „се нижат рубрики кои внесуваат смут, каде не се разграничени активностите од целите и очекуваните резултати, активностите станале содржина, целите се непрецизни, стандардите не се соодветни, именуваат подрачје за кое не се упатени – ‘Говориме и слушаме’, внесуваат ‘Почетно читање и пишување’, а содржина пишување нема. И самите креатори не ги познаваат формите на изразување и творење. Треба да се има предвид дека врз основа на оваа Програма треба да се изработат учебници и други дидактички материјали.“

Натаму, евидентно е немањето ни малку разбирање за дејноста и за моментот. Имено, во време кога се живее една изместена пандемиска реалност, веќе втора година се импровизира образование, кога сите нормални општества размислуваат како ќе го амортизираат бранот психолошки заболувања, кои неминовно ќе се појават по акумулираниот стрес, во период кога децата во раст и развој пропуштија ненадоместливи периоди од развојот, надлежните се занимаваат со брутално туркање контроверзни и лошо концепирани реформи во образованието. При тоа, институцијата која се појавува како носител на реформата, односно БРО, низ годините има наплатено богата историја на реформи, иако ниту еднаш нема излезено со анализа на резултати од било која од тие наводни реформи, кои секојпат, како и овој, почнуваат и завршуваат со серија бесцелни и нефункционални обуки и делење мрсни хонорари за обучувачите.

Повеќе од јасно станува дека кредитот од 21.500.000 евра со кој министерката ја задолжи државата, односно граѓаните, повторно ќе оди во насока на задоволување на незаситниот апетит на бројните хонорарци, без било каков друг концепт, кој би придонел за унапредување на образованието, особено затоа што во концепцијата нема никаква трага од иновативна педагогија, којашто подразбира интензивно користење на дигитални алатки, односно вклучување на новите технологии во самиот процес на учење.

Левица уште еднаш предупредува, дека не смее да се игра со иднината на општеството преку вакви скапи квази реформи. Скапи во пари, во време, а најмногу во нереализиран човечки потенцијал на генерациите, кои ќе бидат жртвувани за заситување на апетитите за политички влијанија и хонорари!