АктуелноЛокално

Ресторанот и дискотеката Парк заминаа во историјата

Денес багери го уриваа репрезентативниот и наградуван објект, ресторанот „Парк“ на брегот на Охридското езеро како архитектонско и културно наследство, дело на познатиот  архитект Павел Балабан. И покрај покренатата иницијатива од граѓанскиот сектор, која доби поддршка и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), за заштита на објектот од уривање, поради изградба на четирикатен хотел, како и покрај укажувањата за нерегуларности поврзани со случајот, инвеститорот веќе пристапил кон демонтирање на покривната конструкција.

Во врска со градежните активности на објектот реагираше и министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска со соопштение.

„Очигледно дека општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Оттаму, ќе иницирам пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини. Во делот на надлежностите на Министерството за култура, на одговорност ќе бидат повикани Завод за заштита и Музеј Охрид како и Управата за заштита на културното наследство“ – напиша Стефоска на Фејсбук.

Активистите од Охрид СОС минатата недела до сите надлежни институции  поднесоа иницијатива за итна заштита на објектот на ресторанот Парк и негово прогласување за споменик на културата.

„Уништија автентично архитектонско дело на ХХ век. Направете само споредба, колку време требаше да се погреба уметничка творба наспроти „справувањето“ со нелегалните градби кое за скоро две години резултираше во една бекатонска плажа помалку и платформи без штици“  – стои во реакцијата на неформалното еколошко движење Охрид SOS.

Од друга страна пак, Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, и покрај тоа што градот е во опасност да го изгуби статусот на светското природно и културно наследство на УНЕСКО,  изненаден е од изјавата на министерката за култура за одземање на ингеренциите на општина Охрид. Тој се уште смета дека таква законска можност воопшто не постои. Според законот, централанта власт на локалната власт може условно да и ги одземе ингеренциите само за одреден предмет или за конкретен случај, а не целосно.

Инаку, на оваа локација планирана е гадба на нов објект, а од општината информираа дека станува збор за приватен објект кој дозволите за градба ги добил уште во 2018-та година. И повторно, очигледен е хаосот кој се случува и во Охрид и во Струга, каде градоначалниците во спрега со урбаната мафија, неконтролирано градат, на штета на културното и природното богатство во охридскиот регион.