Организации барааат Претседателот да не го потпишува Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и МАКПЕТРОЛ
Претседателот да не го потпишува Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и МАКПЕТРОЛ АД Скопје по пат на спогодба, бараат Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи, Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси интернејшенал Македонија“ и Славко Лазовски, претседател на Собранието на Центарот за даночна политика.
Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:
Собранието усвои Закон за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба. Со тоа законодавната власт се впушти во озаконување на вонсудската спогодба склучена помеѓу Владата и Макпетрол АД Скопје со која се решава долгогодишниот судски спор за утврдување на правото на сопственост и соодносот на вложувања на договорните страни во операторот за природен гас ГА-МА АД, како и раздвојување на сопственичката структура преку пренос на сопственоста во целост на РСМ преку купување на сопственичката акција на Макпетрол АД Скопје.
На овој начин се повредува начелото на уставност и законитост и начелото на поделба на власта во земјата, со тоа што се мешаат улогите на судската и законодавната власт со тоа што материја која припаѓа на облигационо правните односи и која треба да се реши со постигнување на спогодба во судска постапка или вонсудска спогодба или пак во случај на спор да се реши со судска пресуда, сега се дава на одлучување на Собранието како законодавен орган. При тоа на Собранието му се даваат надлежности кои не се во согласност со Уставо. Имено, Собранието е надлежно да ратификува меѓународни договори, а не договори со склучени помеѓу национални субјекти.
ГАМА АД Скопје, првично е основана како Јавно претпријатие ГАМА Скопје (ЈП ГА-МА). Согласно член 1 од Законот за јавните претпријатија, основачките права во името на земјата ги врши Владата.
ЈП ГА-МА, согласно Одлуката за организирање на ЈП ГА-МА во акционерско друштво ГАМА АД Скопје (Сл. весник на РМ бр. 77/2006) донесена од Владата на РМ, организирано е како акционерско друштво. Против оваа одлука поднесена е иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 од Одлуката за организирање на ЈП ГА-МА во акционерско друштво ГАМА АД Скопје со кој се уредува основната главнина на ГАМА АД Скопје. Иницијативата со Решение на Уставниот суд на РМ У.бр.170/2012 од 29.05 2013 година е отфрлена.
Имајќи предвид дека ГАМА е организирана како акционерско друштво, каде како акционери се јавуваат Владата во името на Македонија и МАКПЕТРОЛ АД Скопје, за секој пренос, односно откуп на акциите сопственост на МАКПЕТРОЛ АД Скопје треба да одлучува Владата како соосновач на ГА-МА АД.
Продажбата, односно преносот на акциите треба да се изврши согласно Законот за трговските друштва, а особено согласно Законот за хартиите од вредност и другите законски и подзаконски акти од областа на издавањето и тргувањето со хартии од вредност. Во секој случај, за преносот и откупот на акциите треба да одлучува Владата, како соосновач и акционер во ГА-МА АД, а не Македонија како империум, ова прашање да го уредува, односно „ратификува“ со закон.
Од аспект на Закон за енергетика проблем се јавува со тоа што МАКПЕТРОЛ АД Скопје поседува и фирма за снабдување со природен гас, што е во спротивност со одредбите од Законот за енергетика кои се однесуваат на сопственичкото раздвојување. Во тој случај МАКПЕТРОЛ АД Скопје може да изврши раздвојување преку продажба на акциите (акцијата).
Од аспект на транспарентност и отчетност се навлегува во заробување на државата преку носење на Tailor made law (Закони по мерка) за кој ТИМ веќе даде свое видување за состојбите во земјата во извештајот за оценка на заробување на државите.
Во овој случај Владата наместо да го реши спорот преку судски и вонсудски инстанци го користи Собранието ова прашање да го уредува, односно „ратификува“ со пригодно скроен закон по мерка.
Овде сакаме да укажеме и дека проблематично е што проценка вршело Бирото за судски вештачења кое е државен орган со што се пропуштила можноста за независно вештачење кое треба да биде независно за правилно да се оцени фер пазарната вредност за ГАМА АД бидејќи, амортизациониот век е скоро истечен, а со цел да се заштитат интересите на земјата и на даночните обврзници. Отсуството на независна проценка на моменталната пазарна вредност на ГАМА АД само дополнително го зголемува сомнежот за утврдената цена во член 5 од Законот по која треба да се откупи акцијата на Макпетрол во АД ГАМА.
Исто така сакаме да укажеме дека за овој Закон не беше објавен на ЕНЕР и не е испочитуван постапката за оценка на влијанието на овој закон. Се одбегнува, стеснува и рудиментира постапката за проценка на влијанието на регулатива и можноста за коментирање на предлог – законот од засегнати страни, со наводи во образложението на Законот дека немало финансиски импликации со овој Закон бидејќи биле испланирани пари во Буџетот за 2020!? Овде се поставува прашањето од кои тоа средства се испланирани пари во Буџетот за 2020 па нема финансиски импликации ако не од даночните обврзници? На овој начин се демонстрира ниска свест за отчетност за прибраните средства од даночните обврзници и граѓаните како и ниска свест за оценка на ефектите од овој Закон во иднина за даночните обврзници.
Укажуваме и на моментот дека со предложениот закон Макпетрол АД Скопје ќе оствари капитална добивка како разлика помеѓу номиналната вредност на акцијата и нејзината продажна вредност, која, во тој случај, треба да влезе во даночната основа на АД Макпетрол и да биде предмет на оданочување согласно со Законот за данокот на добивка.
Исто така нема никакви информации за опортунитетниот трошок за планираните средства во Буџетот 2020 доколку тие се алоцираат за оваа купопродажба наместо за поприоритетни цели. Ова особено станува важно во услови на стеснет фискален простор, висок јавен долг, епидемиолошка криза, со што оваа инвестиција во услови на ризик ја прави економски неисплатлива за граѓаните во овој момент.