АктуелноЛокално

Митот за либерализација на пазарот и поевтини производи и услуги

Што навистина значи либерализацијата? Во најширока смисла, тоа е процес на ослободување, односно дерегулирање и отстранување на ограничувачките мерки кои го кочат одреден процес. Најчест покровител на ваквите процеси е државата, како највисок облик/институција на заедницата која ги укинува ограничувањата и постоечките рестрикции за некои активности на индивидуа во приватната сфера. На пример, тоа може да се однесува на релаксација или отстранување на правните ограничувања за развод, абортус, религиско групирање, конзумација и производство на канабис и алкохол и слично. Но, ние тука нема да зборуваме за ваквиот вид на либерализација која обично важи за социјалната, односно граѓанска сфера од животот во државата. Тукa ќе се осврнеме на трудовата и економската либерализација.

Либерализацијата во овој контекст е тесно поврзана со приватизацијата како феномен што значи намалување на вклученоста и улогата на државата во економијата. Ова смалување на улогата на државата во суштина значи препуштање на дури и највлијателните сегменти од општественото живеење да бидат стопанисувани од страна на приватниот капитал и водени од принципот на профитот. Такви сегменти се здравството, образованието, јавниот транспорт, телекомуникациите, црпење на природните богатства и ресурси, градење станбени објекти и слично. Се разбира, на ова му претходи процес на пренесување на јавната сопственост во приватни раце или пак доверување за вршење на услуги од јавен интерес на надворешни/приватни претпријатија и агенции.

Трудовата либерализација, односно либерализацијата на пазарот на труд пак значи државата да не се меша премногу во поставувањето на стандарди, норми и други ограничувања во тоа како и под кои услови и за колкава надница (дневница/плата) може да се најми работник од страна на работодавачот. Меѓудругото, во трудовото право овој феномен е познат како кратење на работничките права, за разлика од феноменот на кршење на работничките права што значи непочитување од страна на работодавачот на правата на еден работник кои веќе ги има стекнато и се загарантирани од страна на државата со закон. На пример, во капитализмот (економијата на „(о)слободен“ пазар)  постои најмување на работна сила за одредена количина на надница, па така впрегнувањето во наемен труд на работникот од страна на работодавачот е регулирано со закони на трудот, затоа што во овој однос двата ентитети влегуваат нееднакво – едниот има се, а другиот само својот ум и тело – и затоа државата се појавува како посредник кој го штити послабиот, односно работникот. Овој однос со ваквата регулација само се ублажува, но поради иманентните кризи и инхерентната нееднаквост во стопанствата каде владее хаосот на нерегулираниот пазар, работникот одново запаѓа во нееднаква положба и бива само дел од потрошните материјали во трката за профит. Ваквата состојба на нештата не може да се надмине без тој однос да се укине.

Економската либерализација пак се однесува на намалување или елиминација на владините регулативи или ограничувања за приватниот бизнис и трговијата. Ова скоро секогаш оди заедно со намалувањето на даноците, социјалното осигурување, бенефициите за невработеност како и социјалната заштита.

Во пост-социјалистичките држави каква што е Македонија, каде што доминираше јавната сопственост, како во производството така и во јавните услуги, се продаваше митот за приватизацијата како магично стапче кое треба да донесе мед и млеко за „слободните граѓани и индивидуи“. Но, после толку време транзитирање, никако да дојдеме до посакуваниот просперитет. Напротив, во поглед на социјалната благосостојба сме многу уназадени. Сонот на слободниот граѓанин се претвори во негов работнички кошмар како единствен производ на „слободниот пазар“. Правата на вработените не само што грубо се кршат, туку истите и драстично се кратат. Додека глобалните апологети на либерализацијата високо не рангираат на своите листи како добра почва за бизнис, сиромаштијата е во постојан пораст. Во последните 2 години (2015-2017), бројот на сиромашни во Македонија е зголемен за 15.000! Се чини очигледна корелацијата помеѓу сиромаштијата и социјалната беда во однос со либерализацијата и „демократизацијата“.

Неодамна, низ целата оваа собраниска калакурница за уставните промени, се појави вест која скоро да не беше воопшто забележана од македонската јавност. Веста се однесуваше на меморандум за соработка помеѓу Владата на РМ и УСАИД во поддршка на реформите во енергетскиот сектор. Се работи за „помош“ во вид на грант од страна на УСАИД во изработката на законската регулатива од Законот за енергетика, со што до стартот на наредната година земјава целосно ќе го либерализира пазарот на електрична енергија. Се разбира, како претставник на владата и потписник на овој меморандум се појавува бизнисменот Кочо Анѓушев, како најголем трговец и профитер од енергетскиот сектор во Македонија, а и пошироко. Како и обично, за либерализацијата мантрата е дека производот или услугата која се приватизира или либерализира дополнително ќе поевтини. Но, тоа не е точно. Доказ за тоа се податоците од Еуростат врз кои е направена и студија за „Ефектите од либерализацијата на пазарот на електрична енергија во земјите на ЕУ“, односно како либерализацијата влијаела на цената за домаќинствата во нивните земји.

На графикот погоре се цените на струјата, пред и по либерализацијата на пазарот на електрична енергија за домаќинства во 15 земји членки на ЕУ. Годината „0“ е годината на либерализацијата, негативните години се годините пред, позитивните години се годините по либерализацијата. Цената во годината на либерализацијата е земена како 100%.

Процесот на либерализацијата на пазарот на електрична енергија кај набљудуваните земји се случил во различен временски период, од 1997 до 2009 година. Од графикот може да се забележи дека освен кај три земји каде што паднала цената за 10%, кај сите други земји растот на цените е значително над инфлацијата, а кај некои од нив цената се дуплирала во само неколку години.

Јасно е дека либерализацијата ќе донесе драстично поскапување на електричната енергија, и тоа најмногу за домаќинствата каде се очекува тоа поскапување да биде и до 20% од моменталната цена. Не случајно претходната влада во 2014 година го одложи овој проект (кој патем е услов на ЕУ преку Европската Енергетска Заедница) токму со аргументот дека со либерализацијата драстично ќе порасне цената на електричната енергија и со тоа дополнително ќе биде загрозен стандардот на граѓаните (што воопшто не значи дека тоа е причината зошто либерализацијата не се спроведе тогаш).