АктуелноЛокално

Здрава Котлина повика на блокади против рудникот на смртта

Во целост го пренесуваме повикот објавен на фејсбук страната на иницијативата „Здрава Котлина”.

ПОВИК ДО ГРАЃАНИТЕ
СИТЕ ПРОТИВ РУДНИКОТ НА СМРТТА!

Почитувани граѓани на Струмица и струмичко!
Со оглед на фактот дека и по 20 месеци континуиран отпор против рудникот на смртта Иловица-Штука и интензивна аргументација од наша страна која ги докажува погубните последици од истиот, надлежните државни институции и натаму не застануваат во наша одбрана и не го раскинуваат договорот со концесионерот Еуромакс Рисорсис, иако имаат полно законско право на тоа;

Со оглед на фактот дека надлежните државни институции не презедоа ништо по нашиот голем Протестен марш од 16. 06.2018 во Струмица, на кој граѓаните масовно побараа запирање на рудникот;

Со оглед на фактот дека Владата на РМ и Собранието на РМ не презедоа ништо ни по нашиот Барање со краен рок за решавање на проблемот со рудникот (16.10.2018), за што се исполнети сите услови, бидејќи концесионерот Еуромакс Рисорсис веќе две години дејствува надвор од Законот;

Со оглед на фактот дека концесионерот Еуромакс Рисорсис и натаму континуирано лаже и манипулира за наводна безопасност на рудникот и дека тоа воопшто не е рударска компанија, туку криминоген „пробивач на концесии“, со единствена цел по секоја цена да дојдат до дозвола за работа и потоа да ја продадат концесијата, без оглед на смртоносните последици;

И со оглед на фактот дека практично целокупната струмичка, но и македонска јавност, се исклучиво против рудникот кој ќе ја уништи најплодната котлина на Балканот,

ВЕ ПОВИКУВАМЕ НА БЛОКАДА!

Сами да се заштитиме од опасноста, во рамките на заедничка генерална акција под мотото СИТЕ ПРОТИВ РУДНИКОТ НА СМРТТА! Првата активност во таа насока ќе биде Предупредувачка Блокада на целокупниот сообраќај на кружниот тек на излезот од Струмица кон Бугарија (кај силосите), а воедно ќе биде блокиран и транзитниот пат.

Блокадата ќе се одржи на 10. 11. 2018 година, со почеток во 11:30 часот и ќе трае 2 часа во сите четири насоки. Целта е на оваа блокада е на сите надлежни државни институции заеднички да им покажеме дека трпението е изминато и дека проблемот мора да се реши во полза на општиот интерес на граѓаните од целиот регион. Немаме никакви политички заднини и дејствуваме исклучиво надполитички и надпартиски, како и досега. Воздухот, водата и почвата немаат партиска определба. Фаталните отрови и болестите предизвикани од нив не бираат според партиска припадност.

Единствени барање од оваа блокада ќе бидат:
1) Итно одземање на концесијата на компанијата Еуромакс Рисорсис од страна на Владата на РМ и
2) Итно изгласување на измените во Законот за металични и минерални суровини од страна на Собранието на РМ.

Ова ќе биде прва и Предупредувачка Блокада и ве повикуваме масовно да учествувате и да се приклучите во отпорот против рудникот, кој сите егзистенцијално не’ загрозува. Само заедно можеме да се спасиме од заедничката опасност. Ние немаме намера да се селиме од нашите домови. Ние нема да дозволиме нашите и животите на нашите поколенија да бидат загрозени од бескрупулозна компанија, чија единствена цел е профитот, по цена која сите ние крваво ќе ја платиме.

Доколку не бидат усвоени нашите барања, ќе уследат уште порадикални активности.

СТОП ЗА РУДНИКОТ НА СМРТТА!