ЗДРАВА КОТЛИНА: Р Е П Л И К А СТОП ЗА МАНИПУЛАЦИИТЕ И СПИНОВИТЕ!
ЗДРАВА КОТЛИНА:
Во врска со соопштението на Владата на РМ по синоќешниот консултативен состанок за рудникот на смртта Иловица-Штука во Струмица, го соопштуваме следново:
1. Претставниците на нашето еко-движење немаат дадено никаква согласност за учество во некакво „мониторинг тело“ што ќе ја следело работата на рудникот. Учеството во такво тело би значело дека прифаќаме рудникот да биде отворен, што е незамисливо.
2. Во текот на состанокот, не е водена апсолутно никаква дискусија за такво тело. И да била водена, нашиот став би бил исклучиво ПРОТИВ. Ако некогаш се води, нашиот став ќе биде исклучиво ПРОТИВ.
3. Немаме никаква намера да влегуваме во никакво заедничко тело за било што во врска со рудникот со никого, освен со граѓански активисти. Ние сме независна граѓанска иницијатива со свои активности и ќе продолжиме во истиот дух како и досега. Ќе учествуваме во јавни дебати за да ја шириме вистината за опасноста од рудникот.
4. Наша недвосмислена, директна, единствена и непроменлива цел е рудник во Иловица-Штука да нема! Од таа цел нема да отстапиме никогаш и по ниедна цена и тоа повеќепати сме го нагласувале.
5. Соопштението на Владата е некоректно, а го сметаме и за обид за корумпирање и компромитирање на нашиот отпор во очите на јавноста.
6. Соопштението на Владата е и манипулативно и спинувано во селекцијата и презентацијата на информациите, бидејќи се спомнуваат само наводните „бенефити“ од работата на рудникот, а не и нашата жестока аргументација во однос на смртоносната опасност од неговата работа. Недобронамерна е и ударната информација на соопштението дека цијанид (па и сулфурна киселина!) немало да се употребуваат, и покрај сите наши досегашни експликации за не помалата опасност од другите отрови кои ќе ги произведува рудникот.
7. Ниту сме имале, ниту имаме, ниту никогаш ќе имаме „заедничка цел“ со концесионерот Еуромакс Рисорсис. Ги сметаме за потенцијални гробари на Струмичката котлина и за исклучително манипулативни и подмолни во нивните активности.
8. Ние, во претходното денешно соопштение чесно го поздравивме одржувањето на ваков состанок, а за евентуалните идни побаравме независни експерти од повеќе области (земјоделство, медицина, хемија, биологија, екологија итн.) за да се избегнат манипулациите од страна на Еуромакс Рисорсис со конфликт на интерес кај нивните рударски и градежни експерти. Денешното соопштение на Владата го става под прашање нашето натамошно учество на такви состаноци.
9. И Владата и Еуромакс Рисорсис, а се надеваме и јавноста, конечно ќе сфатат дека ние не се бориме за никакви лични позиции или материјални придобивки, туку исклучиво за сопирање на најголемата опасност во историјата на Струмица и струмичко – Рудникот на смртта Иловица-Штука.
10. Во текот на идната недела, ќе ја запознаеме јавноста со нашите идни активности.
СТОП ЗА РУДНИКОТ НА СМРТТА!
Преземено од Струмица Денес.