АктуелноЛокално

Измамени студенти-печалбари

Стотина студенти од повеќе градови од Македонија аплицирале на конкурс за студентска работа наводно за брендот „Зара“, во позната македонска туристичката агенција „Венера Кемаловски“, со седишта низ повеќе градови во земјава.

Туристичката агенција објавила два конкурси (160 работни часа месечно -1300 евра) со почеток, едниот на 15.06.2017, а другиот на 01.07.1017. За првото фиктивно двеминутно интервју со вработен во агенцијата за проверка на А1 ниво англиски јазик студентите платиле по 2000 денари на рака (без потврда, ниту фискална сметка) со тоа што било најавено веднаш после тоа да следува и интервју со работодавец.

За конкурсот агенцијата ги обврзала студентите со договори со кои се должни да платаат 550 евра, а ветила дека за возврат ќе им плати авионска карта и ќе им посредува работа во „Зара“, па дури и ќе им најде сместување. Во еден член, се разбира однапред смислено, стоело дека докололку „работодавецот” ги избере студентите тие немаат право да се откажат од пријавувањето. Но, веднаш после уплатата и потписот на договорот, агенцијата „Кемаловски“ одеднаш се премислува и кажува дека сепак интервју со работодавец воопшто нема да има.

Тука започнало и целото патешествие на овие 100 надежни и со елан полни студенти…

Повеќето од нив, уплатиле дел од сумата уште пред тргнувањето, а некои и целосната сума, иако за истото не добиле никаква фискална сметка ниту документ за направена уплата. На почетокот на месец јуни студентите конечно добиле информација за прераспределбата по градови.

Проблемот се увиде уште на 15.06, кога првата тура студенти не тргнува, со изговор дека работните дозволи доцнат. Денес, на месец дена од денот кога требаше да започнат со работа, од повеќе од 100 студенти, работна дозвола наводно поседуваат само 8 од нив, а истите веќе месец дена се задоцнети т.е истечени. Па, „среќните добитници“, од непознати причини, не смеат да тргнат, со изговор дека за да тргнат треба да добијат потврда од „Зара“ дека можат да започнат со работа.

За да биде уште посомнително, на официјалната „Фејсбук“ страна „Летна Пракса Венера Кемаловски“, каде студентите трагајќи по одговор пишуваа постови и коментари со прашања, избришана е целата содржина и коментирањето е забрането.

Најголемиот дел од студентите месец дена опстојуваат на позајмени пари. Дел од нив дадоа отказ од работни позиции за да одат на летната пракса, други пак се враќаат од одмор, порано, поради ветувања од агенцијата „Венера Кемаловски“ дека дозволите се стигнати.

На плус 40 степени студентите од повеќе градови самоиницијативно се органицираат и секојдневно одат до агенциите со надеж дека ќе стигнат до нови информации. Да биде уште потрагично речиси секој ден слушаат по уште една лага додека вработените дигаат раменици, а од директорот Емран Кемаловски (на сликата) ни трага ни глас.

Секој ден слушаат „утре“ и „до петок“. Секој повик кон различна филијала во Битола, Скопје или Штип во еден ист ден е различна приказна. Секојдневни повици и пораки кон „Фејсбук“ и „Вајбер“ профилите на директорот Емран Кемаловски се одбивани, непрочитани или пак со кратки дрски одговори без никаква информација.

Можеби навидум наивни, но сепак итри, во стрес и агонија, при пребарување на интернет, студентите откриваат фасцинантна информација дека се работи за вработување во фирма која е т.н. надворешен соработник на „Зара. Еден од менаџерите на фирмата за која станува збор е извесна Ивана Чакарева, со која преку „Вајбер“ студентите стапуваат во контакт. Но, како и се друго, ова е уште една нова приказна, уште една нова лага. Уште едно одбивање повици и лажни сценарија.

Директорот на фирмата (г-динот Емран), по првата средба со групата на револтирани студенти, наводно е во Германија и преговара за дозволите, за истиот ден да биде виден во Скопје на „шопинг“ без ни ронка одговорност кон она што се случува.

Беспомошни и безнадежни, студентите решија да им се обратат на идните апликанти за да избегнат вакви драми и патешествија, да внимаваат на вакви „посреднички агенции“, сериозно да ги разгледуваат договорите кои ги потпишуваат при пријавување за работа во странство, да го направат тоа во консултација со правно лице и истото да го прават во агенции со претходни препораки.

За крај, студентите го повикуваат господинот Емран Кемаловски, засега недостапен и скриен, конечно јавно да се произнесе за ситуацијата и да ја превземе во целост одговорноста за изиграните студенти.


авторите на овој текст се дел од студентите за кои се раскажува во текстот и би сакале да останат анонимни