Настани

Работилница за грасрут колективи

Текстот е превземен од FB настанот.


Ве покануваме на тридневна работилница посветена на социјалната динамика и психоемоционалниот контекст во активистички колективи со хоризонтална структура кои се вклучени во борбата за социјална промена, со цел да отвориме важни прашања за личниот и колективниот развој на активистите во една независна организација, да го проучиме коренот на видливите и потиснатите конфликти кои се создаваат меѓу нив и го намалуваат потенцијалот за дејствување на групата, и во најдобар случај, да придонесеме кон функционална трансформација на начинот на кој активистите се гледаат себеси, своите соборци и своите заеднички цели.

Оваа покана е отворена за сите активисти кои поддржуваат хоризонтална организираност и сметаат дека подобрувањето на внатрешната динамика и зголемувањето на меѓусебната поддршка во активистичките колективи се неопходни чекори за остварувањето на нивните цели, и можеби уште поважно, кон градењето емоционално здрави заедници базирани на еднаквост, соработка и солидарност.

Работилницата ќе се одржи од 2-ри до 4-ти јуни во с. Градовци, Зелениково (35 км од Скопје) и е организирана од неколку од членовите на АКСЦ со финансиска поддршка од EYFA, интернационална мрежа од grass root колективи вклучени во социјален активизам. Сесиите ќе ги водат активисти од колективот Спина од Полска заедно со наши активисти.

Работата ќе се одвива на англиски јазик, во мали групи, а ќе се фокусира на следниве теми:
· Формирање на ‘скриена’ хиерархија во колективи со хоризонтална структура
· Справување со идеолошки разлики и лични конфликти меѓу членовите
· Балансирање на односот меѓу личните мотиви на поединците и заедничките цели на групата
· Справување со индивидуалeн и групен burn out и развивање на капацитети за меѓусебна социо-емоционална поддршка

Добро знаеме дека во нашите типични активистички групи и кругови отсуствува разговор на овие теми, иако искуството ни кажува дека истите силно влијаат врз мотивацијата на индивидуите кои ги сочинуваат, квалитетот на социјалните односи, успехот на заедничките акции и воопшто, самоодржливоста на самата група. Предрасудите, нормите и нарушените облици на комуникација кои ги наследуваме од нашето дисфункционално општество честопати се пресликуваат во меѓусебните односи на начини кои не ги забележуваме и дури и кога се здружуваме со цел да поттикнеме социјална промена, го попречуваат развојот на иницијативи кои во својата внатрешност навистина ги негуваат
вредностите и релациите кои се наоѓаат во идеолошката основа на нивното дејствување. Потребно ни е да ги срушиме табуата и да откриеме како да бидеме поискрени и посолидарни едни со други; да учиме како да создаваме зрели колективи од ангажирани поединци меѓусебно поврзани со доверба, почит, другарство и заеднички вредности.

Нашата идеја за оваа работилница е таа да биде многу повеќе од класичниот бизнис-модел на конференција во кој односот меѓу предавачите и учесниците е тесно дефиниран и во голема мера еднонасочен – напротив, сакаме да биде истовремено и едукативна и искуствена во однос на поимот „колективно“: да ни овозможи да изградиме неколкудневна самоорганизирана заедница во која слободно се разменуваат идеи и искуства, сечиј придонес е значаен, а обврските се споделени. Освен готвењето храна, за кое веќе имаме определен тим, останатите обврски околу функционирањето на просторот во текот на тие три дена ќе бидат заеднички. Храната ќе биде набавена од првата кооператива на потрошувачи на органска храна Добра Земја.

Бројот на учесници е ограничен на 20. Сите заинтересирани ги замолуваме да се пријават на @gmail.com до 25ти мај (четврток) со име и презиме, телефонски број и име на организацијата во која учествуваат. Патните трошоци и сместувањето ќе бидат покриени за сите учесници и ќе биде организиран превоз од Скопје до Градовци.

Сите коментари, предлози и прашања се добредојдени. 🙂

Се гледаме!