Желбата да се вклопиме е коренот на речиси сите престапи

Следниов текст е превод и ставовите изразени во него не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Замисли дека едно утро откриваш прстен кој ти дава магична моќ. Со овој прстен на твојот прст, можеш да го зграпчиш претседателсвото, да го ограбиш Форт Нокс и веднаш да станеш најпознатата личност на планетата. Па, дали би го направил/а тоа?

На читателите на Платоновата Република овој мисловен експеримент би им бил познат. За Платон, еден од средишните проблеми на етиката е објаснувањето зошто би требало да ѝ даваме предност на моралната доблест пред моќта или парите. Ако цената за искористување на митскиот „Гигесов прстен“ – погрешно постапување – не е вредно за материјалната награда, тогаш, моралноста е оправдана.

Забележете дека Платон претпоставува дека ние скршнуваме од моралниот пат бивајќи искушени од лична добивка – затоа, тој се обидува да покаже дека доблеста е повредна од богатството кое може да го добиеме преку нечесност. Тој не е сам во правењето на оваа претпоставка. Во Левијатан (1651), Томас Хобс е загрижен околу оправдување на моралот на „будалиот“ кој вели дека „не постои такво нешто како правда“ и го прекршува својот збор кога му е во полза. А, кога размислува за нашите причини да ја претпочитаме доблеста пред нечесноста, во неговото дело Потрага по принципите на моралот (1751), Дејвид Хјум се спротиставува на „разумниот никаквец“, лице во искушение да стори лошо кога мисли „дека чинот на нечесност или неверство ќе доведе до значаен раст на неговото богатство/среќа“.

Некои од најголемите филозофи на историјата се согласуваат дека правењето престап има тенденција да биде мотивирано од личен интерес. За жал, јас не сум еден од најголемите филозофи на историјата. Иако повеќето претпоставуваат дека неморална личност е онаа која е подготвена да му пркоси на законот и на конвенцијата за да го добие она што го посакува, јас мислам дека токму обратното е често точно.

Неморалноста е често мотивирана од подготвеноста за конформирање кон законот и конвенцијата наспроти нашите сопствени вредности. Во овој случај, не е дека се грижиме премалку за другите, туку се грижиме премногу. Поконкретно, се грижиме премногу за тоа како изгледаме во очите на другите.

Правењето на нешто погрешно, за повеќето од нас, е прилично здодевно. Тоа не е само узурпирање на политичката моќ или кражба на милиони долари. Тоа е нервозно приклучување кон хорската смеа на шегата полна со предрасуди од страна на вашиот колега или лажење за вашите политички гледишта со цел да го смирите вашето семејство за време на вечерата на Денот на Благодарноста. Ние „се согласуваме за да се усогласиме“ наспроти она што навистина го вреднуваме или во кое веруваме бидејќи не сакаме никаква неволја. Имануел Кант го нарекува овој вид на претерано попустлив став сервилност. Наместо понижување на вредностите и заложбите на другите, сервилноста вклучува понижување на сопствените вредности и заложби во однос на туѓите. На тој начин, сервилната личност е огледало на конвенционалниот само-заинтересиран никаквец на Платон, Хобс и Хјум. Наместо газење врз било кој што ќе му се најде на патот кон она што го посакува, сервилната личност, со зборовите на Кант, е некој кој „се прави себеси црв“, а со тоа, „не може да се жали откога луѓето ќе згазат врз него“.

Кант смета дека вашата морална обврска е да не го третирате човештвото само како средство. Кога правите лажно ветување дека ќе вратите позајмица или се заканувате некому да ви го предаде паричникот, тогаш ја третирате вашата жртва само како средстсво. Го користите како алатка која постои само да користи на вашите цели, без почит како кон личност која има вредност во себе.

Но, Кант, исто така, вели дека не треба да се третирате себеси само како средство. Овој дел на неговиот категорички императив добива помалку публицитет отколку неговиот налог против лошиот третман на другите, но не е помалку важен. Томас Хил, филозоф од Универзитетот на Северна Каролина, Чапел Хил, во Автономија и Самопочит (1991) забележува дека сервилноста вклучува погрешна проценка на вашиот морален статус. Најважно, сервилната личност е виновна за истата коренита грешка како и лицето кое ги мами или им се заканува на другите – имено, негирање на основната морална еднаквост на сите лица. Само што, лицето кое го деградирате сте самите вие. Но, сервилното однесување го запоставува фактот дека имате право на иста почит како и секој друг.

Во моментов, можеби мислите дека криењето на вашето мислење за Доналд Трамп, со цел да ги смирите вашите родители за да можете да го јадете сосот од брусница на мира, не е голема работа. Во ред. Но, сервилноста може да предизвика многу потешки морални престапи.

Да ја земеме најпознатата психолошка студија на 20от век: Милграмовиот експериментот за послушност. Милграм откри дека повеќето од неговите испитаници би нанеле неподносливи – а, понекогаш очигледно исцрпувачки или смртоносни – електрични шокови на невини жртви кога експериментаторот ќе им каже да го сторат тоа. Во „Опасностите на послушноста“ (1973), Милграм образложува дека една причина зошто типичниот испитаник се согласува со злонамерниот авторитет е затоа што тој „се плаши дека ќе изгледа арогантен, своеволен и непристоен ако престане“. Заложбата за љубезност на испитаниците ја совлада нивната заложба кон основна морална пристојност. Голем дел од нас се како испитаниците на Милграм, повеќе отколку што би сакале да признаеме: не сакаме да изгледаме арогантни, своеволни или непристојни на трпезата, во училницата, на деловниот состанок. Така, ги проголтуваме сопствените приговори и дозволуваме ние – и другите – да бидеме погазени.

Штетните последици од сервилноста не се врзани ниту за лабораторијата. Навистина, Милграмовиот експеримент беше делумно мотивиран од неговата желба да разбере како толку луѓе, навидум обични, може да учествуваат во моралните ужаси на Холокаустот. Во поскоро време военото насилство во Абу Граиб беше делумно објаснето со социјализацијата на војниците кон конформитет. Овие примери и размислувања за нашите сопствени животи откриваат една потценета морална лекција. Не секогаш, ниту најчесто, се случува да направиме нешто погрешно зашто имаме недостиг на почит кон другите. Често, тоа се случува бидејќи имаме недостиг на почит кон самите себе.

Извор: Аеон

Превод: Ана Тодоровска