- Пишува: Анета Манчевска, член на сектор Финансии, при политичката партија Левица
Недоволната конкуренција е една од главните причини зошто цените на прехранбените производи во Македонија се неколку пати повисоки во однос на цените во земјите на ЕУ.
Готовиот производ поминува низ повеќе нивоа во трговскиот процес. Од фабрика или увозник, преку дистрибутери стигнува до малопродажни објекти. Цените на пазарот за овие услуги, за големите компании е поевтина, а за малите е поскапа или едноставно кажано, имаме различни цени за исти производи, за различни компании. Значи, немаме транспарентни цени, тие зависат од тоа какви канали на соработка имаш, дали си од партијата на власт и сл. Затоа, не може да се направи соодветна анализа на овие цени за различни нивоа на размена, и е главен индикатор дека пазарот не е доволно организиран.
Во Македонија, има фабрики кои имаат пониски цени на своите производи за извоз, а повисоки за домашниот пазар. Зошто е тоа така? За да влезе на надворешниот пазар мора да ги намали цените, таму конкуренцијата е поголема од дома. Државата е таа која треба да обезбеди услови за конкуренција, таа не е гаранција за ниски цени, само пазарот е гаранција. Државата, ова треба да го стимулира.
На пример, имаме два маркети кои продаваат сирење. Имаат во својата понуда сирење од домашна млекара и увезено сирење. Но, цената на увезеното сирење е пониско од домашното. Зошто е тоа така?
Немаме конкуренција, немаме доволно млекари кои ќе се натпреваруваат на домашниот пазар за да дојдат полесно до поголем број на потрошувачи, но затоа ако истите извезуваат, мора да ги намалат цените за да бидат конкурентни. Затоа домашните производи ќе стојат на рафт, а ќе јадеме увезено сирење, оти е поевтино.
Години наназад, македонскиот пазар е интересен за големите увозници, не поради конкуренцијата, туку заради можноста да ја диктираат цената во малопродажбата. Ставаат големи маржи, а користат евтина работна сила. Имаме ланци на маркети кои станаа гиганти на грбот на народот. За оваа состојба е виновна државата поради ненавремено реагирање и невоспоставување на систем на соодветни мерки и закони за регулирање на пазарот.
Во вакви услови на размена, се појавува ѝ голема социјална разлика. Народот, за да опстане, бара повисоки плати и пензии, додека кај богатите, зголемените цени не предизвикуваат стрес и шок на домашниот буџет.
Конечно македонските власти донесоа закон за забрана на нефер трговски практики, кој треба да го сузбие самоволието на трговците и добавувачите. Со овој закон се очекува ред во цените на овошјето, зеленчукот и основните прехранбени производи, т.е. рабатот за околу 2.500 продукти треба да се ограничи на 10 отсто.
Грција е пример со позитивни ефекти од примена на ваков закон, каде повеќе од 3.000 производи поевтинија, се со цел заштита на потрошувачите. Ги ограничија цените на добавувачите и трговците, но ваков вид на рестриктивни мерки на долг рок не се препорачливи, бидејќи секогаш трговецот ќе бара начин за да го заобиколи ограничувањето, па тоа може да донесе нови проблеми во трговијата. Државата мора да ги штити потрошувачите, а да обезбеди услови за здрава трговија.
Левица се залага за стимулирање и грижа на домашното производство како и за сузбивање на нелојалната конкуренција.