Интервју со Пеце Китаноски, басист на легендарниот македонски рок бенд Мизар – ехото на душата од еден народ, мост меѓу културите и чувар на автентичноста.
Антропол: Како започна вашето музичко патување, како се случи да се приклучите на Мизар? Што значеше за вас да станете дел од толку влијателен бенд и како лично се поврзувате со визијата и стилот на бендот?
П.К: Во 2008 по покана на лидерот и гитарист на Мизар Горазд Чаповски се приклучив во бендот.Во тоа време Мизар беше на балканска турнеја и промоција на албумот ,,Цветна градина’’.За мене лично Мизар значеше еден од најбитните бендови кои многу допринеле за развивање на македонскиот рок и популарната музика на македонски јазик на Балканот и пошироко.Визијата и стилското изразување на бендот беа од големо значење да се приклучам. Антропол: Во музичко патување на Мизар, почнувајќи од 1981 година, имаме впечаток дека секогаш одново бендот доживува процвет во специфично време за Македонија. Влијаат ли општествено – политичките настани врз создавањето на уникатниот звук на Мизар кој можеме да го слушнеме на пример во Славјани и Почесна стрелба?
П.К: Влијанието на општествено-политичките настани на Балканот и пошироко се значајни за звукот и стилот на бендот.Најдобар пример е сегашната политичка ситуација во светот која влијае на звукот на новиот албум кој сеуште е во изработка.
Антропол: Вашата музика носи порака која често е длабока и философска. Кој е главниот мотив зад текстовите и пораките што ги испраќате?
П.К: Секој албум на Мизар има мотив и носи порака од моменталните општествено политички случувања уште од првиот албум кој е сниман во доцните 80 ти,па вториот ,,Свјат дримс’’ 1991 год. кога започнува војната и распадот во СФРЈ ,,Кобна убавина’’ кој е работен во 2001 кога избива конфликт во Македонија, сето тоа влијаело на звукот и пораката која ја испраќал секој албум.
Антропол: . Мизар често се поврзува со балканскиот идентитет. Дали сметате дека музиката може да биде мост за разбирање помеѓу народите?
П.К: Мизар е источен рок бенд со Византиско влијание, настапувајќи со концерти низ балканот можеме да сметаме дека музиката и пораката на бендот се мост помеѓу балканските народи,така што концертите се посетени од сите балкански народи.
Антропол: Мизар е познат по уникатниот стил и комбинацијата на дарквејв звук со традиционални балкански елементи. Како се одржува оваа автентичност во денешно време?
П.К: Како што кажав источен рок бенд со Византиско влијание и дарк вејв звук, се трудиме да се одржува таа автентичност од самиот почеток до денес.
Антропол: Последниот концерт во Скопје беше спектакуларен. Како го доживеавте тој настап? Дали оваа вечер беше посебна во споредба со претходните концерти?
П.К: Последниот концерт одржан во Младинскиот културен центар на 15ти овој месец е почеток на турнејата за 2025 година, а следна станица е концерт во Белград на 29.12.2024. Што се однесува до концертот во МКЦ беше очекуван, со енергична атмосфера и така помина вечерта на задоволство на публиката и наше задоволство.
Антропол: Дали конечно Мизар ќе остане заедно и ќе најави албум?
П.К: Да. Мизар веќе работи на снимање на новиот албум.