ДПМНЕ и БЕСА организираат 18 дена албанска и 2 дена македонска програма на Тетовското културно лето

Општина Тетово ја објави програмата на годинашново Тетовското културно лето. На програмата, отпечатена само на албански јазик, стои дека културните и спортските активности ќе се одвиваат во периодот од 16 до 29 јули. Од 22 дена, колку што ќе трае оваа манифестација, за македонската култура се одвоени само два дена, од кои еден е за настап на познат македонски диџеј,  а за културата на ромската и турската заедница, предвидено е само по еден ден. Програмата е изгласана во Општинскиот совет, од советниците на ДПМНЕ и БЕСА.

Во преостанатите 18 дена ќе се презентира само албанската култура, преку спортски натпревари, учество на културно-уметнички друштва, промоција на библиотека и книги од Косово и косовски автори, литературни читања и филмови.

Иста програма имаше и минатата година кога на другите националности кои живеат во Тетово им беше отстапен минимален термин за да учествуваат на Тетовското културно лето.

„За програмата ќе интервенирам да биде и на албански и на македонски јазик. Во делот на активностите и на албански јазик е малку, како што е малку и на македонски, затоа што толку ни се финансиските можности. Кога ќе има повеќе пари тогаш и за Албанците и за Македонците и за Турците ќе има побогато културно лето. Сега на македонски јазик се два дена, догодина ќе бидат три. Тоа е во координација со потребите и барањата на граѓаните за организирање конкретни активности, ако во наредниот период има барање тоа да биде подолго, ќе го имаме во предвид“, вели градоначалникот Билал Касами.

Од Политичката партија Левица оваа програма ја оценија како екстремно шовинистичка:

„Екстремно шовинистички настроениот градоначалник на град Тетово, по веќе своевидно утврдена динамика и исценирана режија, продолжува да го омаловажува македонскиот народ. Тој и ова лето поддржува и промовира културно лето, преку кое се додворува на соседно Косово по урнек на Гаши“, – стои во реакцијата на Ликалниот огранок.

Активистите на Левица од тетово споделија дека програмскиот дел на манифестацијата како и минатата година е испишана само на албански јазик. од ДПМНЕ, кој е коалиционен партнер на БЕСА во Општина Тетово за ова не се преземени никакви активности.