Урбана мафија, политички закани и дивоградби – Арсовска и Елмази во жесток судир

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, јавно го нападна советникот во Град Скопје и член на ВЛЕН, Мухамед Елмази, нарекувајќи го „побегуљо“ и обвинувајќи го дека живее во дивоградба во Чаир, за која, според неа, не плаќа ништо. Според Арсовска, Елмази и неговите политички сојузници се дел од шема на урбана мафија, која со години профитира од нелегалната градба и политичката заштита.

Ова доаѓа откако Елмази јавно ја прозва Арсовска за нејзиното молчење за илегалните објекти во општина Сарај и за нејзината блискост со градоначалникот Блерим Беџети од ДУИ. Арсовска возврати жестоко:

„Град Скопје нема надлежност за дивоградби во Сарај, бидејќи таа општина влезе во Генералниот урбанистички план дури во 2012 година. Законот кој важи за постапување се однесува само на градби до 2011. Ако си имал време да учиш до четврто одделение, ќе го знаеше тоа“, изјави Арсовска во отворен одговор до Елмази.

Во својата објава, Арсовска тврди дека Елмази „плаче дома“ откако бил фатен како живее во незаконски изграден стан, и дека дел од неговите соработници од општината веќе побегнале во Косово. Дополнително, го обвинува дека преминал од ДУИ во ВЛЕН само заради позиција во државната фирма НОМАГАС, а сега, откако истрагите се на повидок, се подготвува за нов политички трансфер – во ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе ставате со Ганиу, Меџити и Адеми црвени беретки и ќе тргнете накај Мечкин Камен, само да се спасите од криминалот“, саркастично забележа Арсовска, додавајќи дека има докази за сѐ и „не се откажува“.

Овој јавен судир отвора сериозни прашања:

  • Кој навистина стои зад урбаната мафија во Скопје?
  • Дали дивоградбите во Сарај, Чаир и другите општини се резултат на институционална парализа, или намерна политичка заштита?
  • Кој има вистинска надлежност и зошто таа никогаш не се применува?

Според правните експерти, проблемот е во парализираниот систем на децентрализација, каде урбанизмот е поделена одговорност меѓу Градот, општините и државата. Токму таа замаглена надлежност им овозможува на локални моќници и урбани картели да си играат со законот.

„Сарај, Чаир, Арачиново и делови од Шуто Оризари се урбанистички хаос со децении. И не е тоа прашање на етничка припадност, туку на политичка корупција“, вели архитект од Скопје кој работел на неколку ГУП-ови.

Иако јавноста се забавува со спектакуларната размена на обвинувања, правната позадина на случајот е далеку посериозна. Бројот на дивоградби во Скопје, според непотврдени податоци, надминува 30.000 објекти, од кои голем дел се изградени без никаква дозвола, често на државно земјиште.

Од Основното јавно обвинителство нема реакција ниту најави за истрага по овие обвинувања. МВР, исто така, молчи. А Владата на премиерот Мицкоски не го коментира случајот.

Доколку навистина постојат докази – како што тврди Арсовска – јавноста очекува да бидат споделени со обвинителството, а не само на Фејсбук. Во спротивно, ова ќе остане уште еден пример на политички перформанс без институционална последица, во кој дивоградбите продолжуваат, а градот и понатаму е жртва на партиски пазари.

Може да ве интересира