Администрацијата на Доналд Трамп повторно демонстрира брутален пристап кон миграциските политики, овој пат преку пренасочување на 250 милиони долари, пари кои дотогаш беа наменети за заштита на ранливи бегалци, во програма за „доброволни депортации“. Имено, парите се користат за да се платат летови, сместување и т.н. „бонуси за заминување“ за мигранти без регулиран статус во САД.
Но она што ја прави оваа програма особено проблематична е фактот што администрацијата на Трамп бара од други држави, меѓу кои и балканските земји, да ги прифатат овие депортирани лица, без никакви јасни гаранции, без јасни правни рамки и без транспарентен процес.
Во суштина, САД, една од најбогатите и најмоќните земји на светот, се обидува да го реши својот внатрешен проблем со мигрантите така што ќе ги префрли „на товар“ на сиромашните и институционално ранливи земји, како Македонија, Србија и Албанија.
Според информации објавени од Reuters, Македонија веќе добила барање да прими 341 лице, без детална биографија за нивниот статус или можни безбедносни ризици. Во исто време, овие држави немаат формални договори за реадмисија со САД, што отвора врата за правен хаос и дополнителен притисок врз нивните веќе преоптоварени институции.
Поранешната заменик-државна секретарка Елизабет Кембел предупреди дека овие пари досега се користеле за згрижување на луѓе во кризни региони. Сега, наместо солидарност, САД избираат логиката на „дај пари и ослободи се од проблемот“.
Најконтроверзниот дел од планот е создавањето на нова канцеларија – „Office of Remigration“ – што предизвика бурни реакции, бидејќи терминот „ремиграција“ е познат како дел од речникот на крајната десница и расистичките групи кои повикуваат на етнички чистки.
Оваа политика е навреда за секоја држава што сè уште верува во меѓународна солидарност и заштита на човековите права. Наместо да покаже лидерство во решавање на глобалната миграциска криза, Трамп избира да плаќа за да го „експортира“ проблемот, како да станува збор за отпад, а не за луѓе.
Балканските земји, кои и самите имаат свои трауми од миграциски бранови, војни и сиромаштија, не смеат да прифатат улога на логистички пункт за американските отпаѓаци од системот.
Прифаќањето на вакви депортирани лица без критериуми, без соодветна поддршка, без консултации со јавноста, значи прифаќање на улогата на американски подизведувач за решавање на нивните политички проблеми.