- Колумна на: Тодоровски Дарко – Истражувач, докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација
Во духот на кинеската филозофија „Зајакнување на пријателството меѓу народите, отворање светла иднина заедно“, во 2013 година, кинескиот претседател Си Џинпинг го најави започнувањето на иницијативата „Еден појас, еден пат.
Со објавувањето на својата иницијатива „Појас и пат“ во 2013 година, модерна Кина ја сигнализираше својата намера да ги следи стапките на Кинеската империја од минатото и другите големи сили и империи низ историјата кои се обидувале да ги обликуваат градовите и врските меѓу нив далеку од своите граници. Преку иницијативата „Појас и пат“, Кина се стреми да ги искористи силите на инфраструктурната поврзаност и урбанизмот за да изгради нов вид меѓународен поредок – поредок изграден не само преку воена моќ или империјална доминација, туку и преку материјална основа за проектирање на кинеската моќ и кинески политички и економски модел на развој.
Иницијативата „Појас и пат“ е дизајнирана да врши геополитичко влијание во време кога самиот меѓународен поредок се менува. „Појас и пат“ моментално вклучува повеќе од 140 земји, каде живеат повеќе од две третини од светското население, и целиот проект ќе вреди повеќе од 8 000 милијарди долари. „Појас и пат“ не е фиксен и јасно дефиниран проект, туку слободна и отворена визија за можна иднина за триесет години. Иницијативата „Појас и пат“ е во сржта на глобалната стратегија на Кина – а во нејзината суштина е последица на сфаќањето дека со влијание врз урбанизацијата, е можно да се влијае врз меѓународниот поредок и истиот да се менува.
„Појас и пат“ опфаќа шест главни коридори за урбан развој, поврзани со патна, железничка, енергетска и дигитална инфраструктура, како и со Поморскиот пат на свилата. Ова е редок историски момент кога подемот на голема сила се совпаѓа со почетокот на свесната изградба на инфраструктура и урбано формирање во голем број држави во развој.
Стратешката иницијатива на Кина се спроведува на врвот на еден од најинтензивните периоди на урбанизација во човечката историја. Помеѓу 2015 и 2050 година, градското население во светот ќе се зголеми за приближно четири милијарди луѓе. Повеќе од 90% од растот на светската популација во наредните децении ќе се случи во Африка и Азија, при што голем дел од овој раст ќе се случи во региони каде што „Појас и пат“ го проширува своето влијание. Ова е погоден момент да се комбинира геополитичкото влијание, економските односи и идеолошките концепти со изградбата, проширувањето и обновата на градовите.
Каравани со свила, порцелан, чај, челик, електрични коли, машини, модерни технологии, како во минатото, така и денес маршутите на овие каравани преминуваат пустини и планини, рамнини и степи, мориња, соединувајќи заедно многу различни народи и култури.
Метафоричниот „воз на иднината“ ќе пристигне на пругата што се поставува сега. Градовите и инфраструктурните врски, јазли и мрежи – овие инструменти и симболи на моменталната моќ – имаат способност да влијаат врз иднината долго откако ќе поминат движечките сили што ги создале. Со други зборови, моќта во планирањето и дизајнот на градовите и урбаните простори е важна во светската историја. Преку своето влијание врз развојот на градовите и инфраструктурата што ги поврзува, Кина буквално ги поставува темелите за алтернативен геополитички и економски светски поредок.