Масакрот кај Гајре – Трагедијата од 5 јуни 2001 година

На 5 јуни 2001 година, во еден од најтрагичните настани за време на вооружениот конфликт во Македонија, петмина припадници на Армијата на Република Македонија (АРМ) ги загубија животите во заседа на патот меѓу тетовските села Шипковица и Гајре. Овој напад, извршен од страна на албанските терористи, се смета за еден од најтешките удари врз македонските безбедносни сили во тој период.

Попладнето на 5ти јуни, кога воено интендантско возило „пик-ап 101“ на АРМ, кое доставувало храна до фронтот, било пресретнато и нападнато на планинскиот пат помеѓу Шипковица и Гајре. Терористите, претходно добро позиционирани на двете страни од патот, отвориле оган од мала оддалеченост, 8 до 10 метри. Во моментот на првиот напад, на самото место загинале двајцата војници во возилото – Кољо Китанов и Исак Руфати. Во нападот имало и ранети.

Преку радио-врска, преживеаните побарале медицинска помош. Санитетско возило „ланд ровер“ било испратено кон местото без соодветна борбена придружба. Набргу по тоа, била организирана мала формација воена полиција да го придружува медицинското возило и да изврши евакуација на ранетите. Во групата биле Влатко Миленковски, Благојче Силјанов и Пеце Матичевски.

Во моментот кога пристапувале кон местото на нападот, вториот заседен дел бил активиран. Од повеќе страни, терористите започнале жесток напад со автоматско оружје и рачни ракетни фрлачи („зољи“). Според воениот увид, нападот бил изведен координирано, од две групи од по 5 до 6 напаѓачи. Војниците биле под директен оган во тесен планински простор, со ограничени можности за засолниште или маневар. Медицинското возило едвај успеало да се повлече, а тројцата придружници беа смртно погодени. Биле пронајдени над 60 чаури, рачни бомби и неексплодирани проектили.

Целиот настан траел околу 15 минути, помеѓу 19:00 и 19:15 часот, доволно време да се случи координирана егзекуција, во која животот го изгубија петмина македонски бранители.

  • Исак Руфати (42): Постар водник во АРМ од село Одри, Тетовско. Единствениот Албанец кој загинал во одбрана на територијалниот интегритет на Македонија во 2001 година.
  • Кољо Китанов (19): Најмладиот загинат бранител на АРМ во конфликтот. Потекнува од патриотско семејство, со прадедо кој бил соработник на Даме Груев.
  • Благојче Силјанов (32): Воен полицаец од Битола, кој непосредно пред почетокот на војната станал татко. Познат по својата изјава: „Се борам за жената и детето. Да знаат дека имаат татковина.“
  • Влатко Миленковски (29): Припадник на АРМ од Битола, кој доброволно се пријавувал за секоја акција против терористите, верувајќи дека ризикот е составен дел од војничкиот живот.
  • Пеце Матичевски (22): Резервист од селото Новаци, Битолско, кој со голема љубов ја облекол воената униформа и бил омилен во својата единица.

Слава им.

Може да ве интересира