Од 61 до 39 планинарски дом – Целосен колапс на планинарската инфраструктура
Во 1990 година Македонија имала вкупно 61 планинарски објект. Денес, по 35 години, едвај функционираат 39, од кои само 18 се вистински планинарски домови. Што се случи со останатите? 22 објекти се целосно уништени или затворени – тивка метастаза на систематско уништување без отчет.
Иако сме шестата земја во светот по планинска територија (83%) и прва во Европа по број врвови над 2.000 метри, Македонија нема државна стратегија за планинарски туризам, нема буџет за патеки, нема државна спасителна служба – но има најголем број уништени планинарски објекти во Европа. Единствената светла точка е Sammiana – македонската бесконечна трансверзала, изграденa со ентузијазмот на поединци.
Во фокусот на Локал Актив Вардар се објектите во Чашка и Велес, регион кој порано бил планинарско срце, а денес само неколку домови „преживуваат“ со минимални услови. Во 1951 година започна изградбата на домот „Чеплес“, а во 1972 со доброволна работа се изгради „Бреза“. Денес, „Бреза“ е руина.
Во 1980-тите, напуштени училишта беа пренаменети во домови, како „Клепа“ и „Браќа Јаневци“. Сега – или се руинирани, или под судски спорови, или ги враќаат во сопственост општините, кои пак немаат буџет да ги одржуваат.
Во Ораов Дол, под водство на ПД „Кадиица“, домот „Браќа Јаневци“ денес функционира со 36 легла, кујна, тушеви, тоалети. Во сопственост на Општина Чашка, домот е даден под закуп. Ова е пример дека планинарските домови можат да преживеат, ако има волја, управување и правна јаснотија.
Поранешниот дом на културата во село Мокрени, со 30 кревети, кујна и бања, е без решен имотен статус. Општина Чашка бара корисничко право. Домот е функционален, но иднината му виси во правен вакуум.
Манастирот „Св. Ѓорѓија“ во Ореше стана алтернатива за планинари. Со 12 соби со купатила, дневна и кујна за 100 луѓе, манастирите понекогаш нудат подобри услови од државните домови, иако не е тоа нивната основна намена.
Во 2005 година, по три децении пустош, „Грин Пауер“ од Велес го ревитализираше објектот во Папрадиште. Со 35 легла, тушеви, кујна и дневни соби, домот стана модел за заедничко управување и заштита на јавен ресурс. Но во октомври 2024 му истече концесијата – општината го врати назад и сега се бара нов закупец.
Од „Златоврв“ во 1924 до „Бреза“ и „Чеплес“, македонското планинарење има историја, традиција и потенцијал. Но, без системска стратегија, ќе остане само спомен во старите албуми на планинарите. Вардарскиот регион е симбол на тој пад – но и доказ дека со мала поддршка и волја, се уште може да се спасат домови и патеки.