Свети Николе се крена против неправдата – Пензионерите му порачаа на Мицкоски, време е за промени

Вчера во Свети Николе се одржа масовен протест на пензионери кои јасно и гласно побараа пензиите да се зголемуваат линеарно, а не процентуално. Според нив, ваквиот пристап е единствен начин да се намалат големите разлики меѓу најниските и највисоките пензии во државата и да се обезбеди пристоен живот за сите пензионери.

Трајче Станојков, претставник на Иницијативниот одбор на пензионерите, потенцираше дека нивното барање е фер и неопходно.

„Ќе продолжиме да се бориме за линеарно усогласување на пензиите – тоа е единствениот начин да добиеме она што ни следува,“ истакна тој, нагласувајќи дека сегашниот модел ги фаворизира оние со повисоки пензии, додека најсиромашните продолжуваат да страдаат.

Пензионерот Трајче Митев од Штип истакна дека само со обединување и организираност може да се постигне целта и да се стави крај на неправдите кои ги мачат пензионерите со години наназад.

Покрај Владата, пензионерите упатија и критики кон претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајковска, барајќи нејзина оставка заради, како што велат, неактивност и непредставување на нивните интереси.

Пензионерите од повеќе градови, меѓу кои Свети Николе, Штип и Куманово, порачаа дека доколку нивните барања не бидат испочитувани до септември, ќе го бојкотираат гласањето на изборите во октомври.

„Бараме еднаквост и правда за сите, а не привилегии за малцинството!“ – гласеше нивната порака упатена до институциите и Владата.

Овој протест е јасен показател за растечкото незадоволство кај пензионерите кои, во услови на се поголема инфлација и скап живот, бараат фер и достоинствен пристап во пензиската политика.