Ако некогаш ви текне да фалсификувате документ, не заборавајте – фалсификатот не е фалсификат ако покрај него поднесете и еден „пооригинален“ документ. Барем така вели нашето Обвинителство, кое со последната одлука успеа да ја редефинира правната логика и да ѝ даде ново значење на фразата „сè е во ред, ако никој ништо не видел“.
Станува збор за случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски, кој, како што знаеме, аплицирал за сериозни државни функции со потврда за англиски јазик издадена од непозната бугарска институција наречена Language School Julia CO.LTD. Според јавните податоци, оваа мистериозна „Џулија“ не била овластена ниту да организира TOEFL тестови, ниту да издава признати сертификати. Но, не грижете се – директорот покрај неа приложил и втор документ, овојпат „вистински“, па сега сите можеме мирно да спиеме.
Обвинителството, исто така, направило херојски чекор – побарало меѓународна правна помош од Бугарија! За жал, сопственичката на „Џулија“ била иселена. Каква штета! Сè друго било проверено – фирмата била регистрирана, се занимавала со… преводи, јазични курсеви, возможно и со астрологија, никогаш не се знае. Но, бидејќи „нема докази дека не издаваат сертификати“, одлучено е – сè е во ред.
Врвот на апсурдот доаѓа со т.н. „вистинскиот“ TOEFL сертификат – полаган од дома, преку интернет, со онлајн супервизор, што ETS веќе не може ни да го потврди бидејќи поминале две години. Значи, не може да се верификува, ама „визуелно изгледа во ред“. И токму тоа е клучната потпора на македонскиот систем за национална безбедност: „визуелна проценка“.
Како шлаг на тортата, обвинителството не нашло ништо спорно ниту во дипломите, иако веќе неколку медиуми пишуваа за нивната проблематичност, па дури и ДКСК го отвори случајот. Но, и таму – се е во ред. Сите документи се тука, сите се „визуелно коректни“, а „Џулија“ – иако исчезната – останува незаборавена.
На крај, порака до сите амбициозни функционери: ако некогаш се двоумите дали да поднесете сомнителна исправа – слободно. Само понесете уште една резервна. Обвинителството ќе ја избере подобрата. И ќе ви даде потврда дека вашето досие е чисто. Како домашно полаган TOEFL – преку WiFi, со супервизор во сенка.
Република Македонија – земја каде што се почитува законот, сè додека има втора копија.