(Видео) Реџеп Исмаил: Дали МВР молчи за урбанистичкиот криминал во Чаир и за дивеењето на Ганиу?

На вчерашната собраниска седница посветена на пратенички прашања, пратеникот и потпретседател на Левица, м-р Реџеп Исмаил – Хактан, упати директно и остро прашање до Министерството за внатрешни работи – дали институциите дејствуваат по наводите за урбанистичкиот криминал во општина Чаир и вчерашното насилно однесување на поранешниот градоначалник и сегашен функционер Висар Ганиу пред зградата на Град Скопје?

Во отсуство на министерот Тошковски, Исмаил доби само флоскули од заменик-министерот, без конкретен одговор. Тој потсети дека Град Скопје објави сериозна документација со докази за урбанистички нерегуларности во Чаир, посочувајќи на сомнеж дека актуелниот министер за животна средина, Изет Меџити, се обидел да избрише траги во Катастарот за прикривање на нелегални постапки поврзани со дивоградби.

Исмаил ги нарече сцените на организирано истурање ѓубре пред Град Скопје доказ за безредие и институционален колапс. Тој остро ја осуди реториката на коалициските партнери на ДПМНЕ кои, како што рече, се обидуваат урбанистичките криминали да ги прикријат под етнички параван, што, според него, претставува директна закана за социјалната стабилност.

„Постојат две сериозни опасности – првата е ризикот по безбедноста на граѓаните кои живеат во нелегални објекти, а втората – можноста за политичко-етничка ескалација ако институциите продолжат да молчат,“ предупреди Исмаил.

Тој побара итна и координирана акција од МВР, Министерството за транспорт и врски и Инспекторатот за градежништво и урбанизам, со цел да се спречи криминалот што, според него, се обидува да се сокрие зад етничката карта.

Случувањата во Чаир, како и хаосот пред Град Скопје, се симптоми на подлабок проблем – урбанистичка анархија за која никој не презема одговорност. Обвинувањата за институционално молчење и политичко спрегнување со криминалните структури добиваат на тежина, особено кога тие доаѓаат од собраниска говорница. Останува прашањето: дали правната држава ќе се разбуди, или Чаир ќе стане симбол на неказнивост под закрила на моќници?