Наставничката Гордана Јоначиќ, која има активна кривична пријава за физичко и психичко малтретирање на малолетно дете, е именувана за в.д. директор на основното училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола. Одлуката предизвика бурни реакции во јавноста, особено меѓу родителите на учениците во училиштето.
Според пријавата поднесена во СВР Битола на 8 мај 2025 година, татко на шестгодишно девојче пријавил дека наставничката Јоначиќ во повеќе наврати физички го нападнала неговото дете. Пријавата била проследена до јавен обвинител и, според информациите, се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Родителите на девојчето сведочеле за сериозни психолошки последици врз нивната ќерка, која по настаните почнала да покажува знаци на траума – плачење, одбивање да оди во училиште, ноќно мокрење и постојан страв во присуство на наставничката. Девојчето моментално посетува психолог на неделно ниво, а стручните лица потврдиле трауматски наоди.
И покрај сериозноста на обвинувањата, Јоначиќ била назначена за в.д. директор на училиштето каде што се случил инцидентот. Родителите, кои првично се обиделе проблемот да го решат институционално и без јавен притисок, биле длабоко револтирани од оваа одлука, оценувајќи ја како игнорирање на правдата и безбедноста на учениците.
„Не сакаме да му наштетиме на угледот на училиштето, но ова е срамно и опасно. Се работи за поединец, не за целото училиште“, изјавија родителите за „Инфомакс“, обвинувајќи дека зад именувањето на наставничката стои политичка поддршка од страна на владејачката партија.
Настанот повторно отвора прашања за одговорноста на институциите, транспарентноста во образовниот систем и заштитата на децата во училиштата. Министерството за образование и локалната самоуправа досега не се огласија по овој случај.
Извор: Инфомакс